FinPortal.mk

Клековски во Белград: Србија и Македонија со заеднички тимови за сложените случаи

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Клековски во Белград: Србија и Македонија со заеднички тимови за сложените случаи

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска беше во работна посета на Белград, каде оствари средба со министерот за здравство на Република Србија, д-р Златибор Лончар, и го посети Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС), најголемата здравствена установа во Србија. Посетата беше насочена кон продлабочување на соработката со референтните институции во Србија и кон зајакнување на капацитетите на македонските клиники за високоспецијализирана здравствена заштита.

На почетокот на средбата со министерот Лончар, Клековски се заблагодари за помошта што Србија ја пружи од првите часови по трагедијата во Кочани. Двајцата министри разговараа за натамошното лекување на повредените од Кочани во српските здравствени установи, согласно претходната иницијатива. Во фокусот на разговорите беше соработката со референтните институции во Србија за високоспецијализирана здравствена заштита, како и зајакнувањето на капацитетите во Македонија.

Соработката, како што беше соопштено, ќе се одвива преку упатување на лекување и високоспецијализирана помош за сложени состојби, преку второ мислење и стручни консултации со заеднички стручни тимови за сложени случаи, како и преку партнерства меѓу референтните центри во Србија и клиниките во Македонија. Тие партнерства вклучуваат практична обука, стручни престои и менторство на клиничките тимови.

Министрите разговараа и за дигитализацијата и интероперабилноста на здравствените информациски системи, со интеграција на податоците од јавниот и приватниот сектор. Во тој контекст беше споменато дека Србија го користи и системот „Мој термин“, кој е развиен во Македонија.

Во Универзитетскиот клинички центар на Србија, министерот Клековски се сретна со в.д. директорката, проф. д-р Јелена Друловиќ. На средбата стана збор за можностите за соработка меѓу УКЦС и универзитетските клиники во Скопје, за упатување на пациенти со сложени состојби, заеднички стручни консултации и стручни престои за македонските клинички тимови. Двајцата соговорници разговараа и за организациски прашања, а потоа ја посетија Клиниката за неврологија, со фокус на згрижување на лицата со мозочни удари, како и Центарот за мултипла склероза.

„Целта не е нашите пациенти да патуваат подалеку, туку знаењето да дојде поблиску. Тоа што денес за сложените случаи го бараме надвор, со заеднички тимови, обуки и менторство утре треба да го имаме дома“, изјави министерот Клековски за време на посетата.

Министерот Клековски во текот на посетата беше придружуван од амбасадорот на Македонија во Србија, Никола Тупанчевски. Посетата на Белград се совпаѓа со пошироките напори на македонското Министерство за здравство да обезбеди пристап до високоспецијализирана здравствена заштита за пациентите со најсложени состојби, притоа градејќи долгорочни партнерства со референтните здравствени центри во регионот. Преку ваквата соработка се очекува македонските клинички тимови да стекнат дополнително знаење и искуство, што во иднина треба да придонесе сложените случаи да се решаваат во земјата, наместо пациентите да бидат упатувани на лекување во странство.