Клековски: Вакцини против сезонски грип има доволно за сите пријавени, вакцинацијата забрзува
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Министерот за здравство Сашо Клековски уверува дека вакцини против сезонски грип има доволно за сите пријавени граѓани и ги повикува да бидат трпеливи, бидејќи секој ќе биде повикан на термин. Според него, сезоната на грип е најизразена во јануари и февруари, а вакцинацијата спроведена до првата недела од јануари обезбедува навремена заштита. Клековски потсети дека Словенија и Хрватска ќе започнат со вакцинација во ноември и оцени дека тоа не е доцна. Тој најави и дека од неделава тимови на здравствените домови вакцинираат во домовите за стари лица, а од следната недела вакцинацијата ќе се спроведува и во центрите за дијализа. Според податоците на Министерството за здравство, од почетокот на кампањата на 14 октомври досега се пријавени вкупно 66.821 граѓанин, со просек од 4.455 пријави дневно. Најголем дел од пријавените се лица над 65 години, а по нив следат хронично болните. Најмногу пријави има во Скопје, вкупно 19.767, потоа во Битола со 4.845, Прилеп со 3.844, Струмица со 3.585 и Тетово со 3.581 пријавен граѓанин. Досега се закажани 6.710 термини, а вакцинирани се 3.266 граѓани. Во последните три работни дена се вакцинираат по околу илјада лица дневно. Реализацијата на термините што веќе поминале изнесува 86,7 отсто, а 503 граѓани или 13,3 отсто не се појавиле на закажаниот термин. Од Министерството за здравство ги повикуваат граѓаните што не можат да дојдат навреме да го откажат терминот, за тој да се додели на друг пријавен граѓанин. Денес започнува нова група закажувања, со што бројот на вакцинации дневно ќе се зголеми на околу 1.700. Денес е склучен и договор за дополнителни 26.000 вакцини од производителот Санофи, кои ќе пристигнат до 15 ноември. Со тоа досега се обезбедени вкупно 56.000 вакцини, а најавени се уште 30.000 вакцини до крајот на ноември. Според Министерството, така ќе бидат обезбедени вкупно 86.000 вакцини, најмногу досега и околу 20.000 повеќе од бројот на моментално пријавените граѓани.