Клековски: Новите терапии за Паркинсон и Алцхајмер бараат безбеден и одржлив пат, не само одлука
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека воведот на новите терапии за Паркинсонова и Алцхајмерова болест во македонскиот здравствен систем не е само прашање на одлука, туку пред сè на безбеден, стручен и одржлив пристап. Тој се обрати на отворањето на панел дискусијата „Паркинсонова и Алцхајмерова болест: подобар третман за подобар живот“, што се одржа во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје. На панелот невролози и неврохирурзи од Универзитетскиот клинички центар Љубљана и од универзитетските клиники во Скопје разговараа за длабоката мозочна стимулација (DBS) кај Паркинсоновата болест, како и за антиамилоидните терапии со леканемаб и донанемаб во раната фаза на Алцхајмеровата болест. Централна тема на дискусијата беа предусловите за нивно воведување во Македонија. „Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест не се само дијагнози. Тоа се години живот, на пациентот и на семејството што се грижи за него. Ниту една од овие терапии не е за секого. И двете бараат внимателно избрани пациенти, обучени тимови, дијагностика и долгорочно следење. Затоа прашањето не е само дали, туку како: безбедно, стручно и одржливо“, изјави министерот Клековски. Според податоците изнесени на панелот, во националниот здравствен систем се регистрирани околу 24.000 лица со деменција, а проценките се дека до 2050 година бројот може речиси трипати да се зголеми. Со Паркинсонова болест живеат околу 8.000 граѓани, а најголемиот дел од нив се згрижени дома, од своите семејства. Министерот истакна дека Министерството за здравство е подготвено да ја слушне струката и дека од дискусијата очекува конкретни препораки: што недостига, по кој редослед и за колку време. Тој им се заблагодари на гостите од Љубљана за двегодишната соработка меѓу клиниките од Љубљана и Скопје, која се реализира преку програмата „Mentor–Mentee“ на Меѓународното друштво за Паркинсонова болест и нарушувања на движењето (MDS). На панелот учествуваа проф. д-р Звездан Пиртошек, независен експерт на ОН за остварув