FinPortal.mk

Клековски: Израелски хирурзи извршиле 16 операции на повредените во Кочани

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Клековски: Израелски хирурзи извршиле 16 операции на повредените во Кочани

Грижата за повредените во трагедијата во Кочани продолжува и по завршувањето на болничкото лекување, а во рамките на соработката со израелскиот медицински центар „Шеба“ досега се извршени 16 операции, информираше министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција.

Клековски соопшти дека израелските хирурзи од медицинскиот центар „Шеба“ од Тел Авив, заедно со македонските медицински тимови, извршиле и 24 специјалистички прегледи на повредените. Според него, интервенциите биле насочени главно кон шаките и рацете, со цел враќање на нивната функција.

Операциите опфатиле отстранување и корекција на лузни, ослободување на контрактури, Z-пластика и кожни трансплантати со полна дебелина. Министерот истакна дека здравствената грижа за повредените не завршила со болничкото лекување, туку продолжува со операции, контроли и рехабилитација.

На прес-конференцијата учествуваа и д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници при „Шеба“, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директорка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Катерина Мирчовска, директорка на Општата болница во Кочани, како и д-р Гордана Георгиева од работната група на Министерството за здравство.

„Здравствените власти се тука на долги патеки. Грижата за повредените во Кочани не заврши со болничкото лекување. Таа продолжува со операции, контроли и рехабилитација“, изјави Клековски, заблагодарувајќи им се на израелските лекари за нивната поддршка.

Соработката со израелскиот медицински центар „Шеба“ продолжува како дел од напорите за целосно закрепнување на повредените, при што македонските и израелските медицински тимови заеднички работат на враќање на функцијата на повредените екстремитети и на натамошна рехабилитација.