Кировски: Студентскиот бунт во Србија е парадигма каква што Европа досега не видела
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Она што се случи во Србија е парадигма која што досега не е видена во Европа, па можеби и во светот, оцени аналитичарот Атанас Кировски во емисијата „Топ Тема“. Според него, студентите отсекогаш биле вечната политичка пролет и предвесник на промените во едно општество, носители на идеите на новото и прогресивното. Кировски потсети дека студентите низ историјата воделе револуции, по што следела некаква политичка артикулација и се формирала власт. Токму затоа, како што рече, ваквата парадигма многу го зачудила дека може да успее. Тој објасни дека од почетокот студентите имале поддршка, бидејќи се младоста и сосема е природно сите да им дадат поддршка, но она што не било познато е како ќе се артикулира тоа незадоволство. Според аналитичарот, клучниот момент настапил кога студентите решиле дека нема да преговараат и нема да влегуваат во никакви договори со институциите на системот, бидејќи ги сметале за корумпирани. Тие истрајале до крај, а сè што претставувало „естаблишмент“ го сметале за корумпирано и валкано. Токму таа нивна чистина, како што оцени Кировски, придонела самите да го изодат целиот пат и никој да не ја присвои нивната идеја и да ја приграби власта. Кировски направи паралела со случувањата во Македонија, потсетувајќи на „Шарената револуција“. Тој објасни дека откако тогашниот претседател Ѓорге Иванов направил масовно помилување на политичари, луѓето масовно излегле на улица. Сепак, како што забележа, по некое време СДСМ го киднапирала тоа движење и го капитализирала за нивно доаѓање на власт. Според Кировски, разликата меѓу двата случаи е токму во тоа што српските студенти не дозволиле нивното незадоволство да биде преземено и искористено од некоја политичка структура, туку останале доследни на сопствената идеја до самиот крај.