FinPortal.mk

Кичевската болница се зајакнува со нова опрема и специјализанти, проектот за нов објект во активна фаза

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Кичевската болница се зајакнува со нова опрема и специјализанти, проектот за нов објект во активна фаза

Општата болница во Кичево доби нов дигитален рендгенски апарат, нов дигитален мамограф и ехо-апарат 3D/4D со еластографија, донација од Општина Кичево, како и повеќе нови дијагностички и лабораториски апарати што за првпат се воведуваат во установата. Ова беше соопштено на прес-конференција одржана во болницата, на која присуствуваа министерот за здравство Клековски, директорката на болницата Маја Цветаноска Трајковска и градоначалникот на Кичево Александар Јовановски. Настанот беше дел од работната посета на здравствените установи во југозападниот регион, која ги опфати и Специјалната болница за нефрологија и Општата болница во Струга.

Министерот Клековски истакна дека новата болница останува цел на Министерството и дека проектот активно се реализира, но нагласи дека граѓаните на Кичево и околината не можат да чекаат додека таа се изгради. „Затоа, не чекаме — болницата ја зајакнуваме уште сега, со нова опрема, нови услуги и нов кадар“, изјави тој. Според него, во 2025 година за првпат во болницата се воведени имунолошки апарат за анализа на тумор-маркери, хормони, Д-димери, срцеви маркери (тропонин) и алерголошки панели, како и гасен анализатор за брза процена на итни и тешки пациенти. Набавени се и нов анестезиолошки апарат со капнограф и ново LED операционо светло, а во тек е набавка на видеоларингоскоп и автоклав. Болницата доби и нов гастроскоп за подобра дијагностика.

Во однос на кадарот, министерот посочи дека се трајно вработени четири специјализанти и четири доктори по општа медицина, а за уште пет специјализанти постапката е во завршна фаза. „Опрема без кадар не значи ништо, а кадар без опрема не може да работи. Во Кичево ги градиме двете истовремено — за пациентот да добие дијагноза и лекување тука, во својот град, без да патува до Скопје“, истакна Клековски.

Директорката на болницата, Маја Цветаноска Трајковска, ја истакна важноста на новата опрема во радиологијата, каде болницата доби нов дигитален рендгенски апарат, нов дигитален мамограф и ехо-апарат 3D/4D со еластографија, донација од Општина Кичево. Таа соопшти дека во РТГ кабинетот во 2025 година се реализирани околу 19.500 прегледи — рендгенски, компјутеризирана томографија, мамографии и ехо-прегледи на дојка.

Според директорката, имунолошкиот апарат „Siemens ImmuLite 2000 System“ им овозможува анализи кои претходно не можеле да ги прават во установата, а биохемиската лабораторија годишно опслужува меѓу 28.000 и 30.000 пациенти. Гасниот анализатор EDAN е од особено значење за брза процена на метаболичкиот и респираторниот статус, особено кај итни и тешки пациенти. Анестезиолошкиот апарат „Dräger Fabius plus XL“ со капнограф овозможува подетално следење на пациентот за време на интервенцијата, а во оперативниот блок годинава се извршени над 200 хируршки интервенции. Новиот гастроскоп ја подобрува дијагностичката проценка, а со него се направени околу 10 прегледи.

Од болницата порачуваат дека со зајакнувањето на опремата и кадарот, пациентите од Кичево и околината добиваат дијагноза и лекување во својот град, без потреба да патуваат до Скопје. Министерството за здравство, пак, продолжува да работи на проектот за изградба на нов болнички објект, чија реализација е во активна фаза.