FinPortal.mk

КФЦ по децении се враќа на Кока-Кола во американските ресторани

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
КФЦ по децении се враќа на Кока-Кола во американските ресторани

Американските ресторани на КФЦ од следната година ќе го заменат „Пепсико“ со „Кока-Кола“ како снабдувач со пијалаци, што е прва промена на добавувачот на пијалаци за синџирот на „Јум брендс“ по децении. Компанијата соопшти дека одлуката стапува на сила во текот на следната година.

Некои од меѓународните пазари на КФЦ веќе служат производи на „Кока-Кола“, но американските ресторани останаа верни на „Пепсико“ откако „Пепси“ го купи КФЦ во 1986 година. Подоцна „Пепси“ го одвои КФЦ, заедно со сестринските синџири „Пица хат“ и „Тако бел“, но и покрај тоа што станаа обединети под „Јум брендс“, компанијата остана лојална на својот поранешен сопственик.

Промената доаѓа во момент кога КФЦ се обидува повторно да ги привлече американските гости, кои го напуштија синџирот за пржено пилешко во корист на конкуренти како „Чик-фил-А“ или „Попејс“.

Кетрин Тан-Гиллеспи, претседател на КФЦ за САД, во меморандум до франшизните партнери и вработените, до кој имаше увид CNBC, оцени дека оваа одлука е клучен чекор во враќањето на „Кентаки фрајд“.

КФЦ очекува „Кока-Кола“ пијалаците да се точат во сите негови американски ресторани до крајот на првиот квартал од 2027 година, изјави Тан-Гиллеспи. Таа додаде дека „Пепсико“ останува важен партнер за матичната компанија на КФЦ и за неговите меѓународни пазари.

За многу синџири за брза храна, пијалаците станаа клучен начин за привлекување потрошувачи. Голем број ресторани, како „Мекдоналдс“ и „Тако бел“, ги проширија понудите со освежувачи или „дарти сода“. „Кока-Кола“ годинава изјави за CNBC дека им помогнала на многу свои ресторански партнери да создадат нови пијалаци.

Со децении „Кока-Кола“ и „Пепси“ се натпреваруваат за важни ресторански партнери, што претставува и продажна можност и шанса за зголемување на видливоста на нивните брендови за пијалаци. Не е вообичаено големите ресторански синџири да го менуваат снабдувачот со пијалаци, но тоа не е без преседан. Во 2024 година „Пепси“ го презеде „Сабвеј“, најголемиот американски ресторански синџир по број на локации, од „Кока-Кола“.