Каргил вложува 60 милиони долари во тајландската живинарска индустрија, со автоматизација и вештачка интелигенција

Американскиот преработувач на месо Каргил планира да ги прошири капацитетите за преработка на живина во Тајланд, со инвестиција од две милијарди бати, односно околу 60 милиона долари. Компанијата со седиште во Минесота соопшти дека дел од вложувањето е мотивирано од глобалната побарувачка за протеини.
Од Каргил наведуваат дека новиот силос, сместен покрај постоечка фабрика за храна, ќе ги подобри можностите за складирање на суровини и ќе обезбеди поголема флексибилност во набавката на жито во текот на целата година, а истовремено ќе создаде дополнителни можности за приходи за локалните земјоделци надвор од традиционалната сезона на жетва.
Во соопштението, Вачарапон Прасопкиатпока, потпретседател на Каргил и управен директор за живинарство за Азиско-пацифичкиот регион, изјави дека побарувачката за висококвалитетни протеини продолжува да расте на глобалните пазари и дека клиентите бараат сигурни партнери за иновации кои можат да им помогнат да го зголемат обемот со доверба. Тој додаде дека оваа инвестиција ја зајакнува способноста на компанијата да доставува живинарски производи со квалитет и конзистентност што им се потребни на клиентите.
Од Тајланд, Каргил извезува преработени живинарски производи за клиенти во услужниот и трговскиот сектор во други азиски земји, меѓу кои и Јапонија, како и во Европа и Северна Америка. Со инвестицијата во Сарабури, обемот на преработена живина се очекува да порасне на околу 160.000 метрички тони, што ќе донесе дополнителни 25 милијарди бати извозни приходи и ќе создаде 300 локални работни места.
Компанијата додава дека инвестицијата опфаќа зголемување на капацитетите и ефикасноста низ целата нејзина живинарска мрежа, со цел зајакнување на отпорноста на синџирот на снабдување и подобрување на безбедноста на храната, квалитетот и иновациите. Во следните две години, вештачката интелигенција ќе се применува во обработката на податоци за побрзо и попрецизно донесување одлуки, како и за поддршка на управувањето со квалитетот и безбедноста на храната. Инвестицискиот пакет, според Каргил, ќе помогне и во подобрување на набавката на домашни суровини и услуги, вклучително состојки за храна, жито, зачини и амбалажа.
Додека Каргил ги зголемува живинарските капацитети во Тајланд, компанијата годинава затвори фабрика за мелено говедско месо во американската сојузна држава Висконсин, со загуба на околу 221 работно место. Минатата година беше затворен и капацитет за преработка на мисиркино месо во Спрингдејл, Арканзас.