FinPortal.mk

Кардиолозите апелираат: Превенцијата е клучна во борбата против срцевите заболувања

FinPortal.mk  · 
Кардиолозите апелираат: Превенцијата е клучна во борбата против срцевите заболувања

По повод Светскиот ден на срцето, денеска во Europe House во Скопје ќе се одржи едукативен панел под мотото „Не пропуштај ниту еден ритам“ (Don’t Miss a Beat), настан што го организира Здружението за кардиологија во партнерство со Министерството за здравство и Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје. Целта на панел-дискусијата е да се испрати силна јавна порака за сериозноста на кардиоваскуларните болести и потребата од нивна рана превенција, навремено препознавање на симптомите и подобра контрола на ризик-факторите.

На панелот ќе се обратат претставници на Здружението за кардиологија, Министерството за здравство и Светската здравствена организација, кои ќе зборуваат за значењето на превенцијата, раната дијагностика и институционалната и личната одговорност во заштитата на срцевото здравје. Според организаторите, кардиоваскуларните заболувања и понатаму претставуваат еден од најголемите здравствени предизвици во земјата, поради што е неопходно континуирано подигање на јавната свест за оваа проблематика.

Преку оваа иницијатива, организаторите ќе ја нагласат важноста на редовните превентивни прегледи, здравите животни навики и навремената медицинска грижа како клучни предуслови за спасување животи. Панел-дискусијата има за цел да поттикне поголема одговорност кај граѓаните за сопственото срцево здравје, но и да ја истакне улогата на институциите во создавањето услови за навремена дијагностика и третман.

Светскиот ден на срцето се одбележува секоја година со цел да се потсети јавноста на важноста од грижа за кардиоваскуларното здравје, а годинешниот настан во Скопје е дел од тие глобални напори за намалување на последиците од срцевите заболувања. Организаторите изразуваат очекување дека панелот ќе придонесе кон поголема информираност и ќе поттикне промени во секојдневните навики на граѓаните.