Калифорнија им забрани на алгоритмите да отпуштаат работници — 30.9.2026
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, потпиша закон со кој им се забранува на работодавачите во таа американска сојузна држава да се потпираат исклучиво на вештачка интелигенција при отпуштање или дисциплинско казнување на вработените. Законот, познат како „Акт за забрана на робо-шефови“ (SB 947), ги спречува компаниите во Калифорнија да користат „системи за автоматизирано донесување одлуки“ како единствена основа при одлуките за дисциплина и престанок на работен однос. Со него се ограничува и можноста вештачката интелигенција да се користи како „главна алатка“ во ваквите одлуки.
Според законот, работодавачите што „првенствено“ се потпираат на резултатите од вештачката интелигенција при одлуки за отпуштање или дисциплина, сега мора да имаат човечки проверувач кој ќе ги потврди тие одлуки врз основа на дополнителни информации. Како такви информации се наведуваат менаџерските оценки, мислењата на колегите и персоналните досиеја. Покрај тоа, засегнатите вработени мора да добијат писмено известување дека вештачката интелигенција била „првенствено користена“ во одлуката за нивното отпуштање или дисциплинирање, опис на податоците за вработениот што ги користел системот, како и контакт на човечко лице кое може дополнително да ја објасни одлуката.
„Ниту еден работник не треба да биде отпуштен или дисциплински казнет од машина, без разлика дали е вештачка интелигенција или не. Системите за вештачка интелигенција имаат потенцијал да ја зголемат продуктивноста, но исто така направиле грешки и погрешни проценки и покажале пристрасност“, изјави за CNBC сенаторот во Калифорнија Џери Мекнерни, автор на законот. „Вештачката интелигенција мора да остане алатка контролирана од луѓе, а не обратно“, додаде тој.
Мекнерни, демократ, првпат го предложи актот во 2025 година, по организираниот притисок од синдикатите во државата за поставување ограничувања врз можноста на менаџментот да користи вештачка интелигенција при преземање неповолни мерки против работниците. „Кога работните луѓе се организираат, добиваме резултати. Работниците низ Калифорнија побараа нашата држава да биде предводник во регулирањето на вештачката интелигенција на работните места. И денес гледаме дека тоа почнува да се случува“, изјави Лорена Гонсалес, претседателка на Калифорниската федерација на синдикати, AFL-CIO и главен спонзор на актот, по потпишувањето од страна на Њусом.
Њусом неодамна презеде низа чекори поврзани со вештачката интелигенција, меѓу кои и потпишување на поширока извршна наредба која се однесува на потенцијалните егзистенцијални ризици од моделите на вештачка интелигенција „пред да биде предоцна“, како и мерка со која се обезбедува државна рамка за независна евалуација и ревизија на моделите на вештачка интелигенција. За пошироката извршна наредба Њусом изјави дека федералната влада ја отфрла „својата одговорност да ги заштити Американците“.
Според резултатите од анкетата на ОЕЦД објавена кон крајот на минатата година, САД се на глобално ниво предводник во усвојувањето на софтвер и системи за автоматизирано управување. Анкетата покажала дека софтверот за алгоритмиско управување е широко прифатен во многу земји, но никаде толку широко како во САД, каде 90 отсто од менаџерите велат дека нивните фирми усвоиле барем една алатка за „насочување, следење или оценување на работниците“.
Мета се соочува со тужба поднесена во јули, во која поранешни вработени тврдат дека системи потпомогнати од вештачка интелигенција биле користени за рангирање и избор на работници за отпуштање, што несразмерно погодило вработени кои користеле медицинско или семејно отсуство. Мета ги негираше наводите. Работниците во Волмарт и Амазон се сè позагрижени дека одлуките за човечки ресурси се автоматизираат, според анкетата од мај објавена од непрофитната организација „Обединети за почит“, која има корени во синдикалното движење и секторот за малопродажба. Организацијата не успеа во обидот минатото лето да ги убеди акционерите на Волмарт да одобрат мерка со која од менаџментот на компанијата ќе се бараше поголемо откривање на употребата на вештачка интелигенција во однос на работната сила.
Законот за забрана на робо-шефови во Калифорнија наиде на пречка во октомври, кога Њусом го стави вето, иако законот помина во двете законодавни тела на државата со огромно мнозинство. Меѓу неговите загрижености, Њусом наведе барање со кое бизнисите ќе биле принудени однапред да ги предупредат работниците секогаш кога се користи систем за вештачка интелигенција што може да влијае на работата.