FinPortal.mk

Јапонскиот принцип „косорјоку“: Зошто вештачката интелигенција не може да ја замени човечката визија за иднината

FinPortal.mk  · 
Јапонскиот принцип „косорјоку“: Зошто вештачката интелигенција не може да ја замени човечката визија за иднината

Во ерата на вештачката интелигенција, кога компаниите ширум светот бараат начини да ја зголемат ефикасноста преку автоматизација, извршниот директор на еден од најголемите јапонски конгломерати смета дека постои суштинска човечка способност која технологијата сè уште не може да ја замени. Шинго Уено, раководител на Sumitomo Corporation — јапонски мултииндустриски гигант со пазарна капитализација од околу 55 милијарди долари — во разговор за Business Insider во почетокот на септември објасни дека вештачката интелигенција е моќна алатка за истражување, но недостасува клучна човечка способност наречена „косорјоку“.

Станува збор за малку познат јапонски термин кој во основа значи способност да се замисли или формулира визија за иднината што сè уште не е замислена. Според Уено, вештачката интелигенција во моментов не ја поседува оваа способност. Тој нагласува дека генеративната вештачка интелигенција значително му помага во подобрување на ефикасноста и дека целосно ја користи. Една од најголемите предности е нејзината способност брзо да пронаоѓа информации. Како пример, Уено наведува дека порано можел да потроши цел ден барајќи податоци за нешто што компанијата го направила во минатото, додека сега одговорот доаѓа веднаш.

Оваа брзина му помага на Уено, кој повеќе од 40 години работи во Sumitomo Corporation, да го следи својот претпочитан стил на управување — брзо решавање на проблемите наместо нивно одложување. „Мојот метод е да донесувам одлуки на самото место“, изјави тој, додавајќи дека се труди да го избегне повторното враќање на истите прашања следниот ден.

Сепак, Уено открил дека вештачката интелигенција не може да донесе секоја одлука наместо него. „Еднаш се обидов да донесам одлука користејќи вештачка интелигенција и добив само бескорисни одговори“, рече тој. „Тоа воопшто не беше употребливо. “ Проблемот, според него, е што вештачката интелигенција зависи од информации од минатото. Таа може да препознае обрасци и да предложи можни насоки, но е помалку способна кога станува збор за замислување иднина што сè уште не постои. „Вештачката интелигенција анализира минати податоци за да ни покаже насока. Но, таа сè уште се заснова на минатото“, објаснува Уено. „Таа не може да ја создаде иднината. Не може навистина да ја покаже визијата.

Развивањето на „косорјоку“ не бара од вработените да измислуваат револуционерни идеи од нула. „Не треба да бидеме пронаоѓачи. Не треба да измислиме нешто сосема ново“, вели Уено. „Можеме да почнеме од нешто што веќе постои, да го подобриме и да го направиме свое.

Освен тоа, Уено смета дека одвојувањето време од работа е важно бидејќи му овозможува да се одмори и да се врати со нови идеи. „За време на викендот, во основа го поминувам времето без да размислувам за работа“, изјави тој. „Тоа е исклучително важно, само да ја одморам главата. Потоа, кога се враќам на работа, можам да дојдам до нови идеи.

Вештачката интелигенција можеби им помага на директорите да го разберат минатото за неколку секунди, но пораката на Уено е јасна — луѓето сè уште мора да одлучат како треба да изгледа иднината.