FinPortal.mk

Јаневска: Ниту еден наставник со договор на неопределено време не останал без работа по фузијата на паралелките

FinPortal.mk  · 
Јаневска: Ниту еден наставник со договор на неопределено време не останал без работа по фузијата на паралелките

Ниту еден наставник со договор на неопределено време не останал без работа по фузицијата на околу 450 паралелки во основното и средното образование, потврди министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето на 4ТВ. Таа истакна дека вишокот кадар ќе се апсорбира преку воведувањето на целодневен престој за учениците низ целата држава, што според неа е клучот за поквалитетно образование и за едносменско работење на училиштата.

Според Јаневска, идејата е учениците да престојуваат во училиште од 8 до 16:30 часот, каде што покрај редовните часови ќе имаат слободни и интерактивни активности, секции, како и време за изработување на домашните задачи. „Престојот во училиште не значи само учење. Таму децата ќе можат да изучуваат странски јазици, балет или спорт, а кога ќе си заминат дома, нема да имаат дополнителни обврски или тешки ранци, туку ќе можат целосно да му се посветат на семејството. Светските истражувања јасно покажуваат дека децата кои минуваат повеќе време во училишна средина постигнуваат значително подобри резултати“, објасни министерката.

Во однос на инфраструктурните предизвици и спроведувањето на едносменската настава, Јаневска истакна дека над половина од училиштата во земјава веќе работат во една смена, при што конкретно наведе 583 основни и 37 средни училишта. Како најкритична точка останува Скопје поради постојаните миграции, но Министерството веќе работи на доградба на нови училници и проширување на капацитетите, со цел да се создадат услови за целодневен престој и едносменско работење во сите средини.

Министерката додаде дека за успех во образованието е неопходен континуитет, наместо чести промени на политиките со секоја нова гарнитура, за да може да се извлече барем една целосна генерација и да се проценат вистинските резултати од реформите. Според неа, токму ваквиот долгорочен пристап, заедно со целодневната настава и едносменското работење, ќе овозможи поквалитетно образование и подобри постигнувања на учениците.

Јаневска ги изнесе овие ставови во најновата епизода на „Ноќно студио“, емитувана на 22.09.2026 година, каде што одговараше на прашања поврзани со реформите во основното и средното образование, статусот на наставниот кадар по фузијата на паралелките и плановите за воведување целодневен престој за учениците.