Јаневска: Не ги влечете образованието и здравството во дневнополитичките пресметки
FinPortal.mk · 11.9.2026 г.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска од собраниската говорница упати апел до политичките партии да не ги користат образованието и здравството за собирање политички поени, откако пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ побара одговор кога децата од училиштето „Киро Глигоров“ во скопски Центар ќе почнат да учат со физичко присуство и зошто доградбата не се изведувала за време на летото. Јаневска оцени дека ваквото прашање претставува популизам и нагласи дека сите ученици за една недела треба да почнат да учат со физичко присуство, а организацијата на наставата ја прави директорката на училиштето. Таа потсети дека дел од децата во моментот имаат онлајн настава, но дека причината за тоа е обезбедувањето подобри услови за учење и постигнување подобри резултати. „Не очекував од вас ваков популизам. Настава децата имаат, да, во дел имаат онлајн настава, затоа што им се обезбедуваат подобри услови за да учат, за да постигнуваат подобри резултати. Дали треба? Треба. Ако не градевме, ќе ме прашате зошто децата ви учат во две смени. Кога градиме, велите зошто градите, децата не можеле да учат, нели секојдневно ќе учат. За една недела сите ќе учат со физичко присуство“, рече министерката. Според неа, вистинскиот проблем не е во градежните активности, туку во системот. „Проблемот е што не учат. Проблемот е што има проблем во системот и не ни учат и приоритет е ПИСА и приоритет е како да почнат да го совладуваат материјалот и како да ги научиме нашите наставници да им го пренесат знаењето“, изјави Јаневска. Министерката повтори дека од собраниската говорница постојано ги повикува партиите да се обединат во областа на образованието и здравството, додека за сите други теми, како што рече, може да се расправа. „Овде нема проблем. Зошто правиме проблем таму каде што го нема само за популизам, за собирање лајкови и гласови. Гласови ќе собираме на добри проекти. И тоа така треба да биде. Еве ве молам, тргнете ги рацете од образованието и од здравството, суштински се