FinPortal.mk

Јанев од Прилеп: Митот за недопирливите е урнат, истрагата продолжува

FinPortal.mk  · 
Јанев од Прилеп: Митот за недопирливите е урнат, истрагата продолжува

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска го посети Одделението за внатрешни работи Прилеп, каде што оствари работна средба со раководството на полицијата и со дел од полициските службеници кои повеќе од една година работеле на истрагата и реализацијата на големата полициска операција спроведена пред два дена. Во таа операција беше сузбиена организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога и економски криминал, соопшти БЈБ.

На средбата во Прилеп биле анализирани преземените активности и постигнатите резултати, но и следните чекори за одржување на безбедноста и за спречување повторно создавање и зајакнување на криминални структури. Јанев информираше дека во рамки на операцијата биле извршени претреси на 36 локации, а дополнителна активност била реализирана вчера во банкарски сеф, каде што биле пронајдени над 50.000 евра.

Од вкупно 37 локации, четири претреси биле извршени кај полициски службеници вработени во ОВР Прилеп. Во рамки на акцијата биле пронајдени и одземени и моторни возила. Според директорот на БЈБ, операцијата не била ад хок активност што требало само да се спроведе и да се заврши, туку сложена и комплексна истрага што барала долгорочна, посветена, истрајна и, пред сè, чесна работа.

„Сите сме сведоци дека беше спроведена голема, сложена и комплексна операција, којашто не беше ад хок операција којашто требаше да биде само спроведена и да си отидеме, туку операција и истрага којашто бараше многу посветена работа, којашто беше долгорочна, многу посветена, истрајна и пред сè чесна работа. Колегите коишто се до мене и позади мене имаат многу непроспиени ноќи во еден подолг временски период“, истакна Јанев.

Тој информираше дека до надлежното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава против 21 лице, а судот во Скопје определил мерки за обезбедување за сите лица опфатени со пријавата. Јанев посочи дека операцијата била резултат на долгорочна истрага, прибирање докази и анализи, а активностите биле спроведени не само во Прилеп, туку и во Скопје и Струга.

„Тоа што е најважно за мене како прв човек на Бирото за јавна безбедност и на сите колеги, граѓаните да знаат дека митот за недопирливите во Прилеп конечно падна. Тоа е тоа коешто е наша должност, наша мисија – дека никој не може да се затскрива зад одредени конекции, одредени врски, одредени познанства и да се прави недопирлив“, порача директорот на БЈБ.

Јанев нагласи дека успешното завршување на операцијата не значи и крај на полициските активности во Прилеп. Истрагата продолжува, а посебен фокус, според неговите зборови, останува на натамошното расчистување на случајот и на одржувањето на безбедноста во регионот.