Јамал го крсти својот дриблинг „речиси рабона“ по магијата во Истанбул

Младата ѕвезда на Барселона, Ламин Јамал, го воодушеви фудбалскиот свет со дриблинг што го изведе на гостувањето кај Галатасарај во Лигата на шампионите, а потоа и сам му даде име. Откако неговиот потег стана вирален и предизвика реакции кај легенди како Тјери Анри, Џејми Карагер и Мајка Ричардс, Јамал откри дека за својата лудорија би го употребил терминот „речиси рабона“.
Јамал одигра докторски добро во Истанбул и беше одлучувачки фактор во победата на Барселона над Галатасарај, особено со импресивните потези што ги понуди на стартот на вториот дел. Младиот играч запиша две асистенции во период од само неколку минути, но пред да ја режира втората, ја изведе и акцијата што ја излуде Европа.
Тој имаше чудесно рабона движење со кое се ослободи од својот чувар, по што топката се залепи за неговата нога, а потоа го проигра првиот соиграч што се најде блиску до него — Гордон. Потегот веднаш стана вирален и почна да се врти на големо во целата спортска јавност, а легендите на играта останаа без зборови и во шок.
„Добро е што на крајот испадна ефективно и заврши со гол. Би го нарекол дриблингот ‘речиси рабона’, но не знам дали тоа е адекватен термин. Во моментот ми дојде да го направам тоа, не беше ништо смислено од претходно. Најдобро од сè е што излезе добро и што акцијата заврши со асистенција за Гордон“, изјави Јамал.
Со овој потег младиот фудбалер уште еднаш потврди зошто важи за еден од највозбудливите таленти на денешницата, а неговото име за дриблингот — „речиси рабона“ — веројатно ќе остане дел од фудбалскиот речник уште долго време.