Извештајот за 2025 година алармира: бројот на деца жртви во судските евиденции скокна за 118 проценти, детските прекршоци за 54 проценти

Бројот на деца жртви евидентирани во судовите во 2025 година е зголемен за 118 проценти во споредба со 2024 година, додека бројот на деца сторители на прекршоци е зголемен за 54 проценти во однос на претходната година. Ова се дел од загрижувачките наоди во Годишниот извештај за 2025 година на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, изработен врз основа на податоци од 87 институции и 40 индикатори, пренесува Скопје1.
Според извештајот, Министерството за внатрешни работи во текот на 2025 година евидентирало 694 деца жртви, јавните обвинителства 629, судовите 404, а центрите за социјална работа 334. Од Советот појаснуваат дека станува збор за податоци од различни институционални евиденции, кои не треба да се собираат како да претставуваат единствен број различни деца.
Иако бројот на деца сторители на прекршоци е зголемен за 54 проценти во однос на претходната година, тој е за 31 процент понизок од нивото забележано во 2023 година. Во полициските станици биле повикани 1.201 дете, односно 45 помалку отколку во 2024 година, кога биле повикани 1.246 деца.
Особено внимание привлекуваат условите во кои полицијата разговара со малолетници. Според Државниот совет, на територијата на целата држава постојат само три посебно опремени простории за разговор со деца. Во нив во 2025 година биле водени разговори со само 16 деца, односно 1,2 проценти од повиканите. Истиот број бил забележан и во 2024 година, поради што Советот констатира дека нема напредок во оваа област.
Проблематична останува и правната заштита на децата во постапките. Правото на бранител во полиција го оствариле 49 проценти од повиканите деца. Иако тоа е подобрување во споредба со 2024 година, кога процентот изнесувал 32, повеќе од половина од повиканите деца не се евидентирани како корисници на ова право. Уште поизразена е разликата кај правната помош, се наведува во извештајот.
Извештајот дополнително открива и дека општините не ги исполнуваат законските обврски за превенција на детското престапништво, што заедно со малиот број специјално опремени простории за разговор со деца во полициските станици ја комплетира сликата за системските слабости во заштитата на децата во правосудниот систем.