FinPortal.mk

ИЗИР: Македонија да не го испушти европскиот моментум за критичните минерални суровини

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
ИЗИР: Македонија да не го испушти европскиот моментум за критичните минерални суровини

Институтот за економски истражувања и развој (ИЗИР) предупредува дека Македонија не смее да го пропушти моментумот што се создава во Европа во однос на обезбедувањето критични минерални суровини. Според ИЗИР, не смее да се дозволи потенцијалот на домашните наоѓалишта, меѓу кои и Иловица–Штука, да остане неискористен без темелна, стручна и одговорна проценка на можностите за нивно одржливо искористување.

Од ИЗИР посочуваат дека Европската Унија веќе презема конкретни чекори за зајакнување на сопствените капацитети за истражување, експлоатација, преработка и рециклирање на критичните суровини. Преку Европскиот акт за критични суровини (Critical Raw Materials Act), ЕУ воспоставува механизми за препознавање и поддршка на стратешки проекти, поефикасно координирање на административните постапки и олеснување на пристапот до финансиски инструменти и инвестиции.

Овој пристап, како што објаснуваат од институтот, подразбира и пократки и попредвидливи рокови за издавање дозволи за проектите што ќе добијат статус на стратешки, како и поддршка за нивно финансирање преку европски и национални програми, финансиски институции и приватни инвестиции. Со тоа, Европа јасно покажува дека пристапот до минералните суровини е прашање на економска конкурентност, индустриска независност и долгорочна стратешка сигурност.

ИЗИР смета дека Македонија треба да ги следи овие европски насоки и да воспостави предвидлива рамка во која минералните ресурси ќе се разгледуваат како развоен потенцијал, а нивното евентуално искористување ќе биде условено со исполнување на сите законски, еколошки и општествени критериуми.

Во таа насока, од институтот особено ја нагласуваат важноста државните политики да се темелат на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини 2025–2045, изработена од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Стратегијата предвидува научно заснован и аргументиран пристап кон геолошките истражувања и одговорното управување со минералните ресурси, со цел тие да придонесат за економски развој, подобар животен стандард и одржливо користење на природните богатства.

Примената на овие насоки, како што се наведува, подразбира доследно почитување на законските процедури, стручни и независни проценки, соодветни студии за влијанието врз животната средина, континуиран мониторинг и вклучување на локалните заедници во процесите на информирање и консултација. Од ИЗИР нагласуваат дека развојот на рударството не треба да се поставува како избор меѓу економијата и животната средина, туку како процес во кој одржливоста е предуслов за секоја идна инвестиција.

Според институтот, ваквиот пристап е неопходен за да може земјата да го искористи потенцијалот на своите наоѓалишта на начин што нема да ги загрози природните ресурси и интересите на локалните заедници, туку ќе придонесе за долгорочен економски развој и подобар животен стандард на граѓаните.