Истрагата на „Тајмс“: Инфантино добивал непријавени милиони преку компанијата за Светското првенство
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Првиот човек на светскиот фудбал, Џани Инфантино, во текот на 2024 година добил дополнителни 1,76 милиони долари преку компанијата основана за организација на Светското првенство, пари кои никогаш не биле пријавени во годишните финансиски извештаи на ФИФА, открива истрагата на британскиот весник „Тајмс“. Според пишувањето на британскиот весник, овие непријавени плаќања служеле за финансирање на луксузниот животен стил на Инфантино во Мајами. „Тајмс“ потсетува дека ФИФА уште во 2016 година јавно се обврзала секоја година да ја објавува платата на својот претседател и на генералниот секретар, но според наводите на весникот, Инфантино имал два одделни извори на приход — еден јавен и еден што никогаш не бил пријавен. Првиот извор се однесувал на платата што Инфантино ја добивал од ФИФА во Швајцарија, која била уредно објавена во годишните финансиски извештаи на светската фудбалска федерација. Вториот, пак, доаѓал од компанијата задолжена за организација на Светското првенство во Соединетите Американски Држави, а тие плаќања никогаш не биле јавно објавени. Според резултатите од истрагата на „Тајмс“, во годишниот финансиски извештај на ФИФА за 2024 година е наведено дека Инфантино заработил 4,274 милиони швајцарски франци. Сепак, даночните документи доставени до Службата за внатрешни приходи на САД (IRS) од FWC2026 US Inc, компанијата основана за организирање на Светското првенство, покажуваат дека Инфантино во истата година добил уште 1,76 милиони долари, што ФИФА никогаш не го објавила. Дел од тие пари, поточно 626.229 долари, биле поднесени како „други пријавени такси“, а според британскиот весник, тие биле искористени и за покривање на трошоците за изнајмување луксузна вила на брегот, во еден од најексклузивните делови на Мајами Бич. Станува збор за ексклузивната населба Сансет Ајлендс, затворен и строго обезбеден станбен комплекс распослан на четири вештачки острови. Кога новинарите на „Тајмс“ побарале коментар, ФИФА ниту ја потврдила ниту ја негирала информацијата з