ИСОС предлага поедноставно сметководство за малите фирми — помалку администрација, повеќе време за анализа

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) иницира поедноставни правила за финансиско известување и намалување на административниот товар за микро, малите и средните претпријатија. По повод 10 ноември — Меѓународниот ден на сметководството, ИСОС организираше тркалезна маса на тема „Големи правила за малите бизниси: дали е време за поедноставно сметководство?“, посветена токму на иницијативата за поедноставување на административните постапки за микро и малите фирми.
На настанот учествуваа претставници на институциите, стопанските комори и академската заедница, како и претставници на малите бизниси и на сметководствената професија. На тркалезната маса ИСОС предложи формирање заедничка стручна работна група со надлежните институции и бизнис-заедницата, која ќе ги преиспита критериумите за големината на фирмите и обемот на финансиските извештаи што тие треба да ги подготвуваат. Целта е да се утврди кои барања се неопходни за точна слика за работењето, а кои можат да се поедностават за да се намалат непотребната административна работа и трошоците за компаниите.
Како основа за дискусијата, ИСОС претстави работна рамка што предвидува разработка на краток национален сметководствен стандард за микро претпријатијата. Тоа би значело усвојување посебен сет појасни и пократки правила за најмалите фирми, пропорционален со обемот на финансиски информации за нивното работење, како и намалување на непотребните трошоци за усогласување. За малите и средните претпријатија, рамката ја предвидува примената на МСФИ за МСП, односно меѓународниот стандард за финансиско известување наменет за оваа категорија компании.
Според изнесеното на тркалезната маса, за сопственикот на мала фирма оваа иницијатива треба да значи појасни обврски и помалку време потрошено на непотребна администрација. Барањето на ИСОС е, заедно со институциите и бизнис-заедницата, да се утврди кои финансиски информации се навистина потребни и каде постои простор за поедноставување, при што точноста на податоците и професионалната одговорност на сметководителот остануваат основа на целиот процес.
Од институтот посочуваат дека со поедноставување и намалување на рутинските задачи, сметководителите би имале повеќе простор за анализа и советување, а фирмите би добиле поголема поддршка при планирањето и развојот на своето работење. Појасните и поедноставни извештаи им помагаат на сопствениците побрзо да носат квалитетни одлуки во динамично време на брзи промени, бидејќи навреме ги гледаат клучните информации, без да се губат во непотребни детали.
Иницијативата доаѓа во момент кога микро, малите и средните претпријатија бараат начин да ги намалат трошоците за усогласување со прописите, а истовремено да задржат веродостојни финансиски податоци. Предлогот за заедничка стручна работна група треба да обезбеди рамнотежа меѓу двете страни — доволно информации за точна слика за работењето и помалку административни обврски што не носат суштинска корист за сопствениците и за институциите.