Институт за јавно здравје: 65 случаи на западно-нилска треска, осум смртни случаи

Во Македонија заклучно со 15 септември се регистрирани вкупно 65 случаи на западно-нилска треска, од кои 60 се водат како потврдени, а пет како веројатни. Ова го покажува последниот извештај за оваа болест што го објави Институтот за јавно здравје.
Според местото на живеење на заболените, 60 случаи се од Скопје, два случаи се од Велес, а по еден случај е регистриран во Куманово, Свети Николе и Кавадарци. Од вкупно евидентираните случаи, 64 се автохтони, додека еден случај има историја на патување во Грција, но инкубацискиот период покрива и престој во Македонија.
Податоците од извештајот покажуваат и изразена полова нерамнотежа меѓу заболените. Од регистрираните случаи, 51 или 78,5 отсто се машки, а 14 или 21,5 отсто се женски.
Сите заболени со невроинвазивна форма на болеста, вкупно 63 лица, биле хоспитализирани. Од нив, 61 биле лекувани во Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, додека по еден пациент бил хоспитализиран во Аџибадем Систина и во Клиниката Жан Митрев. Досега се регистрирани осум смртни случаи кај пациенти со невроинвазивна болест.
Според Институтот за јавно здравје, податоците укажуваат на зголемен број на регистрирани случаи во текот на јули и август 2026 година, со изразена просторна концентрација во Скопскиот регион. Најголем број случаи се регистрирани во општина Кисела Вода, особено на подрачјето на населеното место Драчево, како и во општина Гази Баба.
Во извештајот се нагласува дека епидемиолошкиот надзор на болеста, систематското и рано спроведување на програмите за контрола на комарци, како и мерките за лична заштита од каснувања од комарци, се сметаат за најсоодветни мерки за контрола на западно-нилската треска.
Бидејќи циркулацијата на вирусот и неговата географска дистрибуција не можат да се предвидат, од Институтот за јавно здравје ги охрабруваат граѓаните да применуваат мерки за лична заштита од комарци во текот на целиот период кога комарците се активни.
Западно-нилската треска ја пренесува комарецот од видот Culex, кој вирусот го пренесува на луѓето. Болеста во поголем број случаи поминува со благи симптоми, но кај дел од пациентите може да добие невроинвазивна форма, која бара болничко лекување.