Институциите од јавниот сектор имаат рок до крајот на годината да ги усогласат веб-страниците и апликациите со стандардите за дигитална пристапност

Постојните веб-страници и мобилни апликации на институциите од јавниот сектор треба да се усогласат со стандардите за дигитална пристапност најдоцна до 31 декември годинава, во согласност со Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации. Овој рок го соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, при обраќањето на настанот по повод Меѓународниот ден на белиот стап, што се одржа во Собранието.
Андоновски нагласи дека пристапната средина не опфаќа само физички простор, туку и дигиталните услуги преку кои граѓаните доаѓаат до информации, поднесуваат барања и пристапуваат кон услугите на институциите. Според него, за слепите лица и за лицата со оштетен вид, пристапната електронска услуга може да значи самостојно читање информации, пополнување образец или добивање документ, што носи заштедено време, помала потреба од туѓа помош и поголема приватност при користењето на личните податоци.
Министерот потсети дека Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор беше донесен во Собранието минатата година, со примена од 1 јули 2026 година. Со тоа, како што рече, домашната регулатива првпат се усогласува со Европската директива 2016/2102.
Законот предвидува веб-страниците и мобилните апликации да овозможуваат користење со тастатура, гласовна контрола и асистивни уреди, а нивните функции да бидат јасни и предвидливи, додека содржините треба да бидат соодветно обработливи од асистивните технологии. Предвидени се и пристапни алтернативи, меѓу кои текстуални описи на слики, аудиоописи, наслови, транскрипти и алтернативни формати.
Граѓаните имаат право да побараат пристапна алтернатива, а институцијата е должна да одговори во рок од 15 работни дена, со обезбедување алтернатива или со соодветно образложение. Институциите имаат и обврска да објавуваат изјава за пристапност и да овозможуваат пријавување проблеми.
– Институциите имаат обврска да објавуваат изјава за пристапност и да овозможуваат пријавување проблеми. Ова е значаен чекор, а неговата вредност треба да се чувствува при секое користење на јавните услуги. Затоа, нашата работа продолжува преку следење на примената, поддршка на институциите и соработка со корисниците – нагласи министерот.
Андоновски истакна дека во подготовката на законското решение учествувале здруженија на лицата со попреченост, претставници на институциите и на академската заедница, преку работни состаноци, јавни дебати, консултации и јавна расправа во Собранието. Тој оцени дека ваквиот пристап овозможил законот да ги одрази реалните потреби на корисниците и да постави јасна рамка за примена во институциите.
Со оглед на тоа што рокот за усогласување на постојните решенија е 31 декември годинава, а примената на законот започнува на 1 јули 2026 година, пред институциите од јавниот сектор стои задача во следниот период да ги прилагодат своите дигитални сервиси и да обезбедат дека граѓаните, вклучително и лицата со попреченост, ќе можат непречено и самостојно да ги користат јавните електронски услуги.