Инспекторите на АХВ запленија и уништија еден тон пилешки желудник во месарници во Охрид и Струга

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведоа вонредни инспекциски контроли во месарници во Струга и Охрид, при што запленија и уништија 1.000 килограми пилешки желудник кој е забранет за увоз и користење во човечка исхрана. Покрај тоа, запленети и уништени се и 55 килограми подготовки од месо во кои бил употребен пилешки желудник, соопштија од Агенцијата.
Против две месарници кои не го почитувале донесеното Решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменети за човечка исхрана, во производство на подготовки и производи, поднесени се соодветни прекршочни санкции. Според АХВ, спроведените контроли во месарниците во Охрид и Струга се дел од засилените контроли кои се спроведуваат во насока на спречување на нелегалните активности во прометот со овој вид храна, сузбивање на овој вид криминал и заштита на здравјето на потрошувачите.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека со цел обезбедување на висок степен на заштита на јавното здравје и интересите на потрошувачите, во јули 2024 година донеле решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменети за човечка исхрана, во производство на подготовки и производи. Забраната е воведена поради утврдени потенцијални ризици од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината по здравјето на луѓето, меѓу кои можна контаминација со патогени бактерии и вируси, присуство на токсини и слични опасности.
Решението за забрана АХВ го донесе врз основа на резултатите од спроведената анализа на ризик од можни опасности по здравјето на граѓаните од консумација на овој тип внатрешни органи од живина, како и врз основа на резултатите од спроведените инспекциски контроли со кои тогаш беше утврдена злоупотреба и измама на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии. Со најновите вонредни контроли во Охрид и Струга, Агенцијата продолжува со засилениот надзор над прометот со овој вид храна, при што непочитувањето на забраната резултира со заплена, уништување на производите и прекршочни санкции за одговорните субјекти.