Инфлацијата во САД повторно забрза во септември — горивата го повлекоа растот на цените
Потрошувачките цени во САД повторно пораснаа во септември, со што инфлацијата остана значително над целта на Федералните резерви. Индексот на потрошувачките цени, широка мерка за трошоците за стоки и услуги во американската економија, забележа сезонски прилагоден раст од 0,6 отсто на месечно ниво, објави Бирото за статистика на трудот. На годишно ниво, стапката на инфлација изнесува 3,7 отсто.
Економските аналитичари анкетирани од Dow Jones очекуваа раст од 0,6 отсто на месечно ниво и 3,6 отсто на годишно ниво, што значи дека годишната стапка благо ги надмина очекувањата.
Кога од пресметката ќе се исклучат нестабилните цени на храната и енергијата, основната инфлација забележа раст од 0,3 отсто на месечно ниво и 2,6 отсто на годишно ниво. И овие бројки ги надминаа прогнозите, кои изнесуваа 0,2 отсто на месечно ниво и 2,5 отсто на годишно ниво.
Главен двигател на растот на цените повторно беа енергетските трошоци. Енергетскиот индекс скокна за 5,2 отсто, додека цените на бензинот се зголемија за 9,1 отсто и, според Бирото за статистика на трудот, сочинуваат околу половина од растот на вкупниот индекс на потрошувачките цени. Зад скокот стојат тензиите меѓу САД и Иран во војната започната кон крајот на февруари, која засега не покажува знаци дека наскоро ќе заврши.
Од останатите категории, цените на храната останаа непроменети на месечно ниво, а на годишно ниво се повисоки за 2,5 отсто. Цените на домувањето пораснаа за 0,4 отсто, додека цените на половните автомобили и камиони скокнаа за 0,7 отсто.