Инфантино под лупа: ФИФА му платила четири милиони долари даноци во САД

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, повторно се најде во центарот на контроверзиите откако американскиот весник „Њујорк тајмс“ и францускиот „Ле Монд“ објавија дека светската фудбалска организација ги покрила неговите даноци во Соединетите Американски Држави за 2024, 2025 и 2026 година, а проценетата вредност на тие трошоци достигнува дури четири милиони долари.
Според извештаите, за време на престојот во Мајами, каде што се подготвувала организацијата на Светското првенство во 2026 година, Инфантино добил посебен финансиски третман кој првично бил наменет за вработените во ФИФА, а не за избрани функционери како што е претседателот на организацијата. ФИФА воведе механизам за изедначување на даноците, така што вработените кои биле преместени во САД поради организацијата на Светското првенство нема да бидат финансиски обесправени или привилегирани во споредба со нивните колеги во други земји.
Сепак, според „Њујорк тајмс“ и „Ле Монд“, овој систем не требало да ги вклучува избраните функционери. Малиот комитет одговорен за утврдување на платите на врвните функционери му одобрил на Инфантино таков третман уште во 2024 година. Особено е контроверзно што одлуката, според овие медиуми, не била вклучена во официјалната документација на ФИФА.
Во сторијата се споменува и швајцарскиот адвокат Бруно Гоменто, претседател на независниот Комитет за управување, ревизија и усогласеност на ФИФА, кој бил вклучен во покренувањето и разгледувањето на прашањето. Тој е, според медиумите, долгогодишен пријател на Инфантино.
Контроверзиите не завршуваат тука. Според истите извештаи, Гоменто добил посебни бенефиции што ги немаат другите претседатели на комитети на ФИФА. Тој бил единствениот претседател на еден од комитетите со ВИП акредитација за Светското првенство, што му овозможува да ги избере натпреварите на кои сака да присуствува. Исто така, за разлика од другите претседатели на комитети, кои добиваат хонорари во американски долари, Гоменто ја добива својата годишна плата од 250.000 швајцарски франци во таа валута, што му користи поради разликите во девизните курсеви.
Новите обвинувања доаѓаат во време кога ФИФА се соочува и со проблеми околу проектот на Инфантино за продажба на правата за Светското првенство на приватни инвеститори. Планот презентиран од раководството на светската фудбалска куќа предизвика дополнителни реакции, а сегашните откритија за даночниот третман на првиот човек на организацијата дополнително ја засилуваат расправата за транспарентноста во работењето на ФИФА.
Инфантино, кој веќе подолго време е под остри критики поради начинот на управување со светскиот фудбал, се соочува со нови прашања за тоа како се носат одлуките за финансиските привилегии на највисоките функционери. Додека ФИФА сè уште не даде целосен одговор на обвинувањата, јавноста и фудбалската јавност со нетрпение очекуваат дали овие откритија ќе имаат последици врз позицијата на Инфантино пред новите избори во организацијата.