Инфантино бара поддршка од Азија за четврти мандат на чело на ФИФА по извинувањето во Цирих

Кампањата на Џани Инфантино за реизбор на функцијата претседател на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) оваа недела се сели во Јапонија, каде што тој ќе биде гостин на претставници на Азиската фудбалска конфедерација. Посетата на Инфантино доаѓа откако минатата недела во Цирих им се извини на членовите на Советот на ФИФА за грешките при подготовката на планот за продажба на телевизиските права за Светското првенство, чија вредност беше проценета на 4,2 милијарди долари. Од тој план во меѓувреме се откажаа.
На критиките Инфантино одговори со понуда за отворена и независна ревизија на начинот на кој ФИФА ги носи одлуките. Според проценките на Асошиејтед прес (АП), Инфантино е блиску до обезбедување проста мнозинска поддршка од 211-те национални фудбалски сојузи членки на ФИФА, што му е потребна за во март да освои четврти мандат. Некои од одлучувачките гласови би можеле да дојдат токму од Азија.
Азиската фудбалска конфедерација, потсетува АП, се приклучи кон критиките упатени кон Инфантино по предлогот за продажба на правата за Светското првенство. Сепак, се чини дека нејзините членки немаат единствен став за неговиот реизбор. Катар, домаќинот на Светското првенство во 2022 година, му даде поддршка на челникот на ФИФА, додека Јордан се изјасни против него. Следниот состанок на Советот на ФИФА е закажан за 16 декември во Доха, главниот град на Катар.
Според податоците на АП, 87 од вкупно 211 национални сојузи членки на ФИФА досега изразиле поддршка за Инфантино, било преку поединечни изјави или со приклучување кон соопштенијата за поддршка објавени од нивните регионални конфедерации. Најголемиот блок на противници на Инфантино доаѓа од Европа. Покрај поддршката што сè уште ја ужива, во прилог на Инфантино оди и фактот дека ниту еден актуелен претседател на национален сојуз не се кандидирал против него.