FinPortal.mk

Илон Маск се откажа од антимонополската тужба против „Епл — 15.9.2026

FinPortal.mk  · 
Илон Маск се откажа од антимонополската тужба против „Епл — 15.9.2026

Компаниите на Илон Маск, „X Corp“ и „SpaceXAI“, ја повлекоа антимонополската тужба против „Епл“, со што заврши едногодишниот правен спор во кој производителот на „iPhone“ беше обвинет за тајно договарање со „OpenAI“ за доминација на пазарите на паметни телефони и генеративни вештачкоинтелигентни чет-ботови, објави „Ројтерс“.

Двете компании во сопственост на Маск поднеле судски документ во кој наведуваат дека ги повлекуваат барањата против „Епл“ од тужбата што првично беше поднесена минатата година против производителот на „iPhone“ и против „OpenAI“. Во документот не се наведени причините за повлекувањето на барањата, ниту пак дали е постигнато вонсудско порамнување меѓу страните.

Спорот се сосредоточи на тврдењата дека „Епл“ постапил антиконкурентно со тоа што ексклузивно го интегрирал „ChatGPT“ на „OpenAI“ во функциите на „Apple Intelligence“ на „iPhone“ и други уреди. Првичната тужба, поднесена во август 2025 година, тврдеше дека ваквата поставеност ги исклучила конкурентските развивачи на чет-ботови од пазарот преку партнерството на „Епл“ со „OpenAI“.

Барањата против „OpenAI“, која исто така е наведена како обвинета страна, остануваат во сила. „OpenAI“ во својот судски документ поднесен во понеделникот соопшти дека не е дел од договорот за повлекување меѓу компаниите на Маск и „Епл“ и дека не е запознаена со неговите услови. Развивачот на „ChatGPT“ побарал од „X Corp“ да ги сподели деталите од договорот, наведувајќи дека тој „веројатно би влијаел врз барањата во тужбата и врз одбраната на OpenAI“.

Судија претходно пресуди во ноември 2025 година дека компаниите на Маск можат да продолжат со тужбата против „Епл“ и „OpenAI“, предупредувајќи дека оваа одлука не претставува потврда на основаноста на случајот. И „OpenAI“ и „Епл“ негираа какво било незаконско однесување во врска со интеграцијата на чет-ботовите. „Епл“ во одговорот на првичната тужба порача дека „изборот на еден партнер прв не е незаконски“ и тврдеше дека интеграцијата со „OpenAI“ не е ексклузивен договор, како и дека други чет-бот услуги остануваат достапни за потрошувачите на „iPhone“ и во „App Store“. „OpenAI“ ја опиша тужбата како „конзистентна со тековниот образец на вознемирување на господинот Маск“ и порача дека со нетрпение очекува да го докаже тоа на суд.

Минатата година „xAI“ ја купи „X Corp“ за 33 милијарди долари со цел да ги унапреди своите способности за вештачкоинтелигентен чет-бот. Во февруари „SpaceX“ го презеде стартапот за вештачка интелигенција „xAI“, со што ги обедини вселенските и вештачкоинтелигентните бизниси на Маск. Трансакцијата ја поврзува вселенската и сателитската компанија „SpaceX“ со „xAI“, позната по својот чет-бот „Grok“.