Илија Андовски именуван за главен администратор на Алта банка Битола, Народната банка воспостави непосредна контрола

Народната банка на Република Македонија именуваше администратори во Алта банка Битола, а на чело на привременото управување застана Илија Андовски, долгогодишен кадар на централната банка и банкарски експерт. Тој ги потпишува одлуките донесени во рамките на администрацијата, со што станува главен потписник на одлуките во периодот на привременото управување со битолската банка.
Според податоците за вработените во Народната банка од мај 2025 година, Андовски бил директор на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање. Со именувањето на администраторите, досегашните органи на управување и надзор во банката ги губат своите надлежности во корист на лицата назначени од Народната банка. Администраторите ги преземаат овластувањата на Управниот одбор, Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот на банката.
Според решението, администраторите добиваат пристап до деловните простории, имотот, трговските книги и целокупната документација на банката. Членовите на досегашните органи на управување и другите лица со посебни права и одговорности се должни да им ги достават сите потребни информации, документи и дополнителни извештаи за работењето.
Решението предвидува и можност за вклучување на Министерството за внатрешни работи, односно полицијата, доколку администраторите бидат спречени да влезат во деловните простории или доколку некој го попречува извршувањето на нивните надлежности.
Една од првите обврски на тројцата администратори ќе биде да ја утврдат целокупната состојба во Алта банка. За тоа имаат рок од 21 ден од денот на нивното именување, по што треба да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка. Администрацијата е воведена за период од три месеци, сметано од денот кога решението ќе ѝ биде доставено на банката. Во текот на овој период, администраторите ќе мора да работат според законите и писмените упатства и насоки на Извршниот одбор на Народната банка.
Покрај преземањето на управувањето, тие ќе имаат контрола и врз сите плаќања за општите и административните трошоци неопходни за функционирање на банката. Таквите исплати ќе може да се реализираат само со нивно одобрение и потпишан налог.
Со решението, Народната банка практично воспоставува непосредна контрола врз работењето на Алта банка Битола, откако на српската Алта банка Белград ѝ беше одземена дозволата за работа, а потоа беше повлечена и согласноста за нејзиното квалификувано учество во македонската банка. Гувернерот Трајко Славески во телевизиска емисија изјави дека тим од седуммина вработени ќе биде вклучен во процесот.