Хуанг призна афера со осомничена кинеска шпионка, Nvidia отвора независна истрага

Извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, призна дека бил неверен на сопругата, откако излезе на виделина случај во кој тој е наводна цел на кинеска шпионска операција. Компанијата, која ги произведува компјутерските чипови клучни за развој и работа на системите со вештачка интелигенција како ChatGPT, соопшти дека отвора независна истрага за наводите.
Според извештајот на New York Times, извршен директор на компанијата Megaspeed со седиште во Сингапур, Хуанг Ле – кинеска државјанка позната и како Алис Хуанг – развила „блиска врска“ со шефот на Nvidia. Американските разузнавачки служби стравуваат дека Алис Хуанг, која не е во роднинска врска со Џенсен Хуанг, всушност е кинески разузнавачки агент што доставува информации до Пекинг. Nvidia претходно тврдеше дека нејзините контакти со извршниот директор на Megaspeed не биле „невообичаени или неочекувани“ и дека сингапурската компанија добила „нула информации релевантни за националната безбедност“.
Во порака до вработените испратена во неделата, косновачот на Nvidia изјави: „ бев неверен на сопругата. Моите постапки неа и нашите деца ги повредија. Нема изговор за тоа што го направив. Длабоко жалам.“ Двојката била фотографирана заедно како пие виски во бар во Тајпеј по технолошки саем во јуни 2024 година, но не е јасно колку долго се познаваат.
Од Nvidia соопштија дека „започнуваат независна истрага поради неодамнешните извештаи дека основачот и извршен директор Џенсен Хуанг бил цел на странска разузнавачка операција“. Од компанијата додаваат дека одборот „нема причина да верува дека биле загрозени националната безбедност или тајните на Nvidia“, но истрагата ќе ги испита сите достапни информации. Џенсен Хуанг изјави дека ја поддржува истрагата и целосно ќе соработува, додавајќи: „Ја сакам нашата земја и нашата компанија“.
Од Megaspeed, пак, за NYT изјавија дека „сегашното раководство“ ја сфаќа работата „исклучително сериозно и е посветено да ги утврди фактите зад овие наводи“, ангажирајќи надворешен правен советник за темелна внатрешна истрага и известувајќи ја американската влада за целосна подготвеност за соработка. Алис Хуанг не даде коментар.
Случајот доаѓа во чувствителен момент за пазарите. Nvidia вреди 4,5 трилиони долари и е централна компанија во бумот на вештачката интелигенција, па секој посериозен удар врз нејзината вредност може да се одрази врз вреднувањето на американските технолошки акции. Аналитичарот Нил Вилсон од платформата Saxo UK оценува дека „има потенцијал оваа приказна да го наруши расположението, кое веќе е прилично кревко“, додека технолошкиот аналитичар Ден Ајвс смета дека скандалот ќе доведе до „повеќе конгресни истраги“ и ќе ја оптовари цената на акцијата на Nvidia.