FinPortal.mk

ХЕРА: Само 14 отсто од младите жени користат современа контрацепција, потребна е финансиска достапност

FinPortal.mk  · 
ХЕРА: Само 14 отсто од младите жени користат современа контрацепција, потребна е финансиска достапност

Во Македонија сè уште е ниска употребата на контрацептивни лекови, а тоа не е само прашање на личен избор, туку влијае и фактот што тие не се финансиски достапни за сите. Ова го истакна Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА по повод Светскиот ден на контрацепцијата, кој годинава се одбележува под мотото „Избор без бариери“.

Според последните достапни национални податоци од Истражувањето на повеќекратни индикатори (МИЦС) 2018–2019 на УНИЦЕФ, 43,9 отсто од паровите на возраст од 15 до 49 години кои се во брак или заедница во Македонија користат прекинат сексуален однос како метод за спречување бременост, додека современа контрацепција користат само 14 отсто. Околу 14 отсто од младите жени на возраст од 20 до 24 години користат современ контрацептивен метод, додека 38,6 отсто се потпираат на прекинат сексуален однос. Кондом користат 11 отсто од младите жени во оваа возрасна група.

Од ХЕРА велат дека зад правото на избор мора да стои и функционален здравствен систем кој обезбедува достапна контрацепција, квалитетно советување и услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Иако во 2026 година контрацептивните лекови се вклучени на есенцијалната листа, тие и понатаму не се покриени од задолжителното здравствено осигурување, поради што следниот чекор е нивно вклучување на позитивната листа на лекови, со што контрацепцијата ќе стане финансиски подостапна за граѓаните.

Освен финансиската достапност, од асоцијацијата посочуваат дека треба да се обезбедат и достапни, доверливи и научно засновани информации и советување за сексуалното и репродуктивното здравје, вклучително и за современите методи на контрацепција, преку сеопфатното сексуално образование, кое ќе им овозможи на младите да стекнат знаење за заштита на своето здравје.

Светскиот ден на контрацепцијата се одбележува со цел да се поттикне свесноста за важноста на планирањето на семејството и за достапноста на современите контрацептивни средства, а годинешното мото „Избор без бариери“ упатува на потребата секој човек да има пристап до контрацепција без разлика на економската состојба.