Хакерите ги загреаја фрижидерите во француските супермаркети на 50 степени — невидена сајбер-атака

Хакери преку ноќ ја покачија температурата на многу фрижидери во француските супермаркети на 50 степени, во „невидена“ сајбер-атака што зафати неколку стотини продавници низ земјата, при што беа пријавени пожари и загуби на храна. Париското обвинителство соопшти дека станува збор за напад од големи размери што „ги зафаќа поврзаните фрижидери во неколку големи трговци со храна низ Франција“, а како пријавена штета се наведуваат „загуби на храна и пожари“.
Премиерот Себастијен Лекорну ја задолжил француската национална агенција за сајбер-безбедност ANSSI да спроведе истрага, изјави лице од неговиот кабинет. Според истиот извор, Франција „координира со европските партнери, бидејќи и други земји може да бидат зафатени“, а истовремено се испитува дали се загрозени и други француски компании.
Компанијата Les Mousquetaires, сопственик на трговецот Intermarché, соопшти дека биле зафатени околу 150 нејзини продавници, при што фрижидерите биле загреани на 50 степени во текот на шест часа. Порталпаролот на компанијата изјави дека целата храна била фрлена за да се избегнат какви било здравствени ризици. Доминик Шелшер, главен извршен директор на Coopérative U, потврди дека и неговите супермаркети биле погодени од нападот, оценувајќи дека „таргетирањето опрема од суштинско значење за чување на свежите производи и за снабдувањето на францускиот народ со храна е од исклучителна тежина и е невидено“.
Според BFM TV, најголемиот француски синџир супермаркети E Leclerc исто така бил зафатен, при што хакерите „успеале оддалечено да активираат присилно одмрзнување на системите за ладење во бројни продавници“. Некои други синџири, меѓу кои Carrefour, Monoprix и Auchan, не одговорија на барањата за коментар.
Нападот можеби не е ограничен само на Франција. Холандската супермаркет-компанија Ahold Delhaize соопшти дека се соочува со „безбедносен проблем“ во својата мрежа и дека исклучила неколку системи за да ги заштити. Продавниците на нејзиниот синџир Albert Heijn, најголемиот супермаркет-синџир во Холандија, кој има и неколку продавници во Белгија, останаа отворени во двете земји, но нејзината онлајн-апликација и системот за достава беа во прекин, а електронските ценовни етикети често прикажуваа погрешни информации. Засега не е јасно дали има врска помеѓу нападот врз француските супермаркети и проблемите што ги пријави Ahold Delhaize. Белгиските медиуми објавија дека и супермаркетите Delhaize, кои исто така се дел од Ahold Delhaize, но работат во Белгија и Луксембург, биле зафатени од безбедносниот проблем.
Изворот близок до Лекорну изјави дека ANSSI открил ранливост во софтверот што го доставува данската компанија Danfoss. Danfoss соопшти дека е „свесен за инцидентите во Франција што зафаќаат ограничен број системи за управување со ладење“. Според компанијата, засегнатите уреди „работеле со застарена верзија на фирмвер“, а Danfoss додаде дека „одамна ги советува клиентите да ги одржуваат поддржаните системи ажурни со најновиот фирмвер и да ги мигрираат старите системи кон решенија од сегашната генерација“.
Инцидентот доаѓа во услови на растечка загриженост поради потенцијалната штета што во сите сектори во Европа можат да ја предизвикаат сајбер-напади од злонамерни актери. Францускиот претседател Емануел Макрон, силен поддржувач на Украина во нејзината борба против руската инвазија, минатиот месец нареди мерки за заштита на критичната инфраструктура на Франција од руски „хибридни напади“.