Хакери ги „загреале“ фрижидерите на француските крвни банки
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Француската крвна банка „Естаблисман Франсе ду Сан“ (EFS) потврди дека во понеделникот била погодена од бранот сајбер напади врз европските системи за ладење, пренесува CNBC. Организацијата нагласи дека не била директна цел на нападот, но дека ладилните единици управувани од надворешни добавувачи, во кои се чувале крвни производи на EFS, биле компромитирани на три нејзини локации. Според соопштението на EFS, хакерите ги поставиле температурните и праговите за одмрзнување на прекумерно високи нивоа. Станува збор за ладилни единици лоцирани во објектите за подготовка и дистрибуција на EFS, кои служат за чување крвни производи пред испорака до здравствентите установи, како и примероци наменети за биобанките на EFS. Во нив се чувала и замрзната плазма што се користи за трансфузии и за производство на лекови. EFS наведе дека нејзините системи за надзор реагирале брзо и дека, зависно од ситуацијата, погодената опрема била или ставена под контрола без влијание врз производите и примероците, или исклучена од мрежата. При нападот не биле изгубени примероци или крвни производи, а примероците набргу биле префрлени во други објекти. Организацијата сега координира со Француската национална агенција за сајбер безбедност (ANSSI) и со Министерството за здравство, а истовремено го засилила надзорот врз својата опрема. Француското Министерство за здравство, според Reuters, соопштило дека ситуацијата е под контрола и дека се следи внимателно, а безбедноста на крвните резерви била зачувана благодарение на системите за надзор и алармирање во објектите, како и на превентивните мерки што биле веднаш спроведени. Нападот врз крвните банки е дел од поширокиот бран сајбер напади врз системите за ладење во Европа. Според изворот, стотици супермаркети во Франција и во други европски земји, меѓу кои Белгија, Шведска и Финска, имале фрижидери далечински хакирани и со покачени температури, што можело да предизвика расипување на храна во вредност од милиони евра.