Хајнекен“ предупредува британските пабови: лековите за слабеење може да ја намалат продажбата на пиво

Вториот најголем производител на пиво во светот, „Хајнекен“, ги предупреди британските барови и пабови дека растечката популарност на лековите за слабеење може да доведе до пад на продажбата на пиво и јаболково вино. Компанијата со седиште во Холандија им испратила презентација на британските угостителски клиенти со предупредување дека употребата на лекови од групата GLP-1, предводени од „Оземпик“ и „Вегови“, може да ја намали желбата за пиење алкохол, што пак може да доведе до „чувство на ситост и помалку послужени пијалаци“ во пабовите и баровите.
Според документот што го објави агенцијата Ројтерс, ерата на GLP-1 може да доведе до тоа традицијата на долги сесии со повеќе пива да стане поретка појава. „Хајнекен“ им понудил совети на пабовите, меѓу кои промовирање на половина литар пиво, опции со малку или без алкохол и комбинирање на пијалаците со мали чинии храна, со предупредување дека инаку ризикуваат пад на посетите и на потрошувачката.
Употребата на лекови од групата GLP-1 нагло пораснала бидејќи потрошувачите бараат брзо и лесно решение за брзо слабеење, а минатата година 10 милиони луѓе во САД посегнале по ваква терапија, според истражување на „Џеј Пи Морган“. „Хајнекен“, вториот најголем производител на пиво по AB InBev, соопштил дека презентацијата им била споделена со клиентите како дел од редовната соработка со британските компании, со цел да им помогне да разберат како се менуваат потрошувачките навики.
Од компанијата за Ројтерс изјавиле дека забележуваат одредени промени во однесувањето при потрошувачката кај корисниците на GLP-1 и дека ќе продолжат да го следат развојот на тие навики во 2027 година. Трендовите што ги идентификувал производителот кај корисниците на GLP-1 вклучуваат избор на помали порции, пијалаци со помал алкохол и попремиум производи, што според „Хајнекен“ се совпаѓа и со пошироките промени на пазарот како што се менуваат навиките на помладите генерации.
Покрај истоименото лагер пиво, „Хајнекен“ ги поседува и брендовите како „Амстел“, мексиканското лагер пиво „Сол“ и јаболковото вино „Стронгбоу“. Производителот на „Гинес“, „Дијаџео“, им соопштил на инвеститорите дека секаков ефект од масовната употреба на лековите GLP-1 треба да биде управлив, додека „Карлсберг“ за Ројтерс изјавил дека податоците во моментов не ја поддржуваат тезата дека употребата на лекови за слабеење влијае на трендовите во потрошувачката на пиво. Сепак, анкети на истражувачки компании, меѓу кои „Сиркана“, NIQ и KAM, укажале на намалено пиење кај корисниците на GLP-1.
Според „Хајнекен“, во годината заклучно со февруари продажбата на пиво во британските пабови, барови и ресторани изнесувала речиси 14 милијарди фунти, од кои помалку од 300 милиони фунти биле од производи без или со малку алкохол.