Грозданова: Прекинот на БСЖ вакцинацијата е привремен, се испитува поврзаноста со случаите пријавени во Хрватска
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Комисијата за имунизација донесе одлука за привремен прекин на вакцинацијата со БСЖ вакцината во земјава, откако доби информации од хрватските колеги за четири суспектни случаи кај деца поврзани со примањето на оваа вакцина. Претседателката на Комисијата, проф. д-р Александра Грозданова, во емисијата „Ноќно студио" на 4ТВ објасни дека станува збор за случаи на воспаление на зглобовите и коските, односно остеомиелитис, и дека токму тоа бил сигналот по кој Комисијата реагирала веднаш. „Тоа беше доволен сигнал за нас", рече Грозданова, објаснувајќи дека Комисијата веднаш се состанала и ги разгледала информациите добиени од Хрватска. Според неа, одлуката за привремено одложување на вакцинацијата била донесена поради тоа што истите серии на вакцината кои биле предмет на сомнеж во Хрватска се користеле и во Македонија. Препораката на Комисијата била доставена до Министерството за здравство, по што била прифатена и споделена со здравствените установи, особено со родилиштата. Грозданова нагласи дека прекинот е времен и ќе трае додека не заврши истрагата на пријавените случаи. Таа посочи дека БСЖ вакцината што се користи во земјава е произведена од бугарскиот производител „Булбио", кој со години ја снабдува со оваа вакцина земјите од регионот, меѓу кои Македонија, Хрватска, Унгарија и Романија. Во истрагата, како што рече претседателката на Комисијата за имунизација, се вклучени производителот, експерти од Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови. Целта е да се утврди што точно се случило и дали постои причинско-последична поврзаност меѓу вакцинацијата и здравствените состојби пријавени во Хрватска. Одлуката за привремен прекин на БСЖ вакцинацијата доаѓа како превентивна мерка додека трае испитувањето на пријавените случаи, а надлежните институции остануваат во комуникација со меѓународните здравствени тела и со производителот на вакцината.