Гринпис со камена бариера во Северното Море против индустрискиот риболов

Активисти на Гринпис фрлија огромни камења во Северното Море за да ги закачат влечните мрежи на индустриските рибарски бродови што ловат во заштитено морско подрачје. Камењата биле фрлени од бродот „Арктик санрајз“ со цел да се формира подводна бариера околу Јужното Северно Море, кое е најинтензивно тралено заштитено морско подрачје во Обединетото Кралство.
Јужното Северно Море е значајно подрачје за морските прасиња, бидејќи поддржува речиси 20 отсто од популацијата на овие животни во британскиот дел на Северното Море. И покрај статусот на заштитено подрачје, во најголемиот дел од него нема ограничувања за риболов. Бродовите со влечни мрежи, драги и други индустриски рибарски пловила го пребаруваат секој ден. Според Гринпис Обединето Кралство, во 2025 година бродовите со влечни мрежи забележале повеќе од 37.200 часа риболов во заштитената зона, што е еднакво на „булдожер што го уништува скапоценото национално подрачје“.
Вил МекКалум, кo-извршен директор на кампањската организација, изјави дека „големи бродови ден по ден го пребаруваат морето, го лишуваат од риба и убиваат скапоцени диви животни како морски прасиња, ајкули и морски птици“. „Со нашиот брод и со движење зад нас, го правиме она што владата не го прави: ги заштитуваме нашите мориња“, рече тој.
Според Гринпис Обединето Кралство, „камената бариера“ ефективно затворила 116 квадратни километри (околу 45 квадратни милји) од заштитеното подрачје Јужно Северно Море за риболов со влечни мрежи. Во наредните денови „Арктик санрајз“ ќе патролира во областа за да го одврати секој друг вид индустриски риболов. Активистите зоната ја прогласија за „океански парк“, во духот на британските национални паркови.
Јужното Северно Море се протега по источното крајбрежје на Англија, од северот на Догер Бенк до теснецот Довер на југ. Неговата цел е да ги заштити популациите на морски прасиња, делумно со обезбедување на „достапност на пленот“. Активистите на Гринпис Обединето Кралство велат дека интензивниот риболов во областа е во спротивност со оваа цел. „Во јуни објавивме дека ако владата не дејствува наскоро, Гринпис Обединето Кралство ќе преземе директна акција“, рече МекКалум.
Акцијата се совпадна со националната премиера на „Blue Planet III“, најновиот документарец на BBC за дивиот свет, раскажан од Дејвид Атенборо, кој се фокусира на океаните и на опасностите што ги создава човекот. Според анализа на Гринпис, во 2025 година бродовите со влечни мрежи и драги уништиле вкупно 55.600 квадратни километри морско дно во заштитени подрачја, површина 58 пати поголема од националниот парк Дартмур.
Меѓу оние што го додадоа своето име на камењата фрлени од „Арктик санрајз“ е и Кери Мекарти, пратеничка и поранешна министерка за клима, која рече: „Индустрискиот риболов има огромно разорно влијание врз нашата морска средина, а сепак помалку од 1 отсто од нашите мориња се заштитени од него. Напредокот е премногу бавен и природата не може да чека, затоа го додадов своето име на еден од камењата на Гринпис Обединето Кралство. Ни треба забрана за риболов со влечни мрежи и соодветно заштитени океански светилишта, и во водите на Обединетото Кралство и низ целиот Атлантски Океан.