FinPortal.mk

Грција и Бугарија привлекуваат милијарди за АИ дата-центри, Македонија сè уште чека

FinPortal.mk  · 
Грција и Бугарија привлекуваат милијарди за АИ дата-центри, Македонија сè уште чека

Додека Македонија сè уште ги одложува своите амбиции за приклучување кон новата технолошко-индустриска револуција, соседна Грција веќе потпиша обврзувачки меморандум со Amazon Web Services (AWS) за изградба на масивен дата-центар во северозападниот дел на земјата, на помалку од стотина километри од македонската граница. Станува збор за една од најголемите технолошко-енергетски инвестиции во Југоисточна Европа, чија прва фаза предвидува приклучна моќност од 300 мегавати, со можност комплексот да порасне до огромни 1.000 мегавати.

Грчката државна електроенергетска компанија ДЕИ на 17 септември потпиша обврзувачки меморандум со AWS за изградба на дата-центарот кај Агиос Димитриос, во близина на Кожани. Поширокиот инвестициски план на ДЕИ за трансформација на некогашниот лигнитен регион се проценува на околу 5,8 милијарди евра. За македонски размери оваа бројка е фасцинантна, бидејќи целокупните расходи на државниот Буџет на Македонија за 2026 година изнесуваат 414,2 милијарди денари, односно околу 6,7 милијарди евра. Тоа значи дека грчкиот инвестициски пакет од 5,8 милијарди евра е еквивалент на околу 86 проценти од сите годишни расходи на македонската држава.

Уште поилустративна е споредбата со македонските капитални расходи. За нив годинава се предвидени 40,1 милијарда денари, односно околу 650 милиони евра. Со други зборови, само една грчка технолошка инвестиција е речиси девет пати поголема од целокупниот македонски капитален буџет за 2026 година.

Според меморандумот, AWS треба да го земе објектот под 15-годишен закуп. ДЕИ ќе ги обезбеди земјиштето, зградите и енергетската инфраструктура, додека Amazon ќе ја инсталира и ќе управува со информатичката опрема. Електричната енергија треба да се обезбедува преку долгорочни договори за обновлива енергија. Проектот сепак сè уште е условен со конечни договори, приклучување на мрежата, дозволи и други регулаторни постапки.

За Кожани ова е обид за целосна промена на економскиот идентитет на регионот, кој од лигнит треба да се трансформира кон вештачка интелигенција, клауд услуги и чиста енергија. AWS, како еден од најголемите светски оператори на клауд и дата-центарска инфраструктура, заедно со Microsoft Azure и Google Cloud, е значаен глобален партнер за Грција во оваа трансформација.

Веста за инвестицијата на Amazon во северозападна Грција е сериозна опомена за сите кои неразумно ги кочат амбициите на Македонија да фати приклучок кон новата технолошко-индустриска револуција. Големиот капитал нема да чека да се завршат политичките расправии и бескрајните дебати на социјалните мрежи. Има кој сака инвестиции, развој и напредок, и тој кој сака ги добива, додека Македонија останува на маргините на технолошката мапа на Балканот.

Додека Грција и Бугарија градат дата-центри вредни милијарди евра и привлекуваат глобални технолошки гиганти, Македонија сè уште нема конкретен план за приклучување кон оваа трка. Прашањето што останува отворено е каде се македонските институции во моментот кога соседите веќе потпишуваат обврзувачки договори со најголемите светски компании.