Грант од 250.000 евра од Банката за развој на Советот на Европа за довршување на објектите на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование

Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ) соопшти дека потпишала договор со македонската влада за обезбедување грант од 250.000 евра наменет за високото образование, а средствата доаѓаат од шпанската сметка за социјална кохезија на банката. Според соопштението на ЦЕБ, грантот ќе обезбеди насочена техничка помош за подготовка и започнување на инвестициски проект во корист на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најголемиот јавен универзитет во Северна Македонија.
Министерката за образование Весна Јаневска, преку објава на својот профил на Фејсбук, информираше дека овие пари ќе бидат додадени на финансиската конструкција за реализација на проектот за изградба на новите објекти за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. „Оваа поддршка ќе го забрза отпочнувањето и завршувањето на проектот“, вели Јаневска во својата објава.
Договорот за грант е потпишан со шпанскиот амбасадор Рафаел Сориано Ортиз и со вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа за целни земји, Томаш Бочек. Со овој чекор се заокружува дел од финансиската рамка за проектот што треба да ги доврши долго време недовршените објекти во дворот на универзитетскиот кампус.
Новиот проект за доизградба на зградите, кои во моментов стојат како карабина, предвидува комплетна промена на првичниот концепт, со цел создавање современ, функционален и енергетски ефикасен студентски комплекс. Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, целосно се напушта барокниот изглед на зградите, а објектите ќе добијат современа и модерна архитектура со нови фасади и естетски решенија за внатрешниот ентериер.
Поради големиот број студенти, над 5.000, и зголемените просторни потреби, донесена е одлука двата недовршени објекти во дворот на УКИМ, кај Мавровка, целосно да му припаднат на ФИНКИ. Проектот предвидува двата објекти на ФИНКИ да бидат физички поврзани со мост, со цел олеснување на комуникацијата и поквалитетна реализација на интердисциплинарните студии.
Бидејќи двете згради во кампусот му припаднаа на ФИНКИ, за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се предвидува отпочнување на изградба на нов објект. На тој начин, наместо првичниот план двата факултета да делат простор во недовршените објекти, секој од нив ќе добие свој современ простор, што треба да ги задоволи потребите на студентите и на наставниот кадар.
Грантот од Банката за развој на Советот на Европа доаѓа како дополнителна финансиска инјекција која, според надлежните, треба да го забрза процесот на доградба и конечно да стави крај на годините на неизвесност околу судбината на овие објекти. Со потпишувањето на договорот, македонската влада и универзитетот добиваат техничка помош што ќе помогне проектот да се подготви и да започне без дополнителни одложувања.
Останува да се види како ќе се одвива реализацијата на градежните работи и дали динамиката на изградбата ќе ги исполни роковите што ги најавија надлежните, имајќи предвид дека станува збор за комплексен проект што опфаќа и целосна промена на архитектонскиот концепт и прилагодување на просторот за потребите на двата факултета.