02.11.2026 - Гранит АД Скопје - Други ценовно чувствителни информации
Градежната компанија Гранит АД Скопје за периодот јануари – септември 2026 година оствари позитивни финансиски резултати, покажуваат неревидираните единечни финансиски извештаи објавени преку системот СЕИНет.
Вкупните приходи на друштвото во првите девет месеци од годината изнесуваат 3.709.200 илјади денари, што во споредба со истиот период лани претставува зголемување од 79 отсто. Приходите од продажба достигнаа 3.432.933 илјади денари, со раст од 91 отсто, пред сè како резултат на зголемениот обем на работа на проектот автопат Кичево – Охрид и на неколку други проекти.
Финансиските приходи за периодот изнесуваат 158.464 илјади денари и се повисоки од лани, главно поради повисоката дивиденда добиена од акциите во Комерцијална банка АД Скопје.
Вкупните расходи во периодот јануари – септември 2026 година изнесуваат 3.297.585 илјади денари, што е зголемување од 74 отсто во однос на истиот период 2025 година и е соодветно на растот на приходите од продажба и на поголемиот обем на активности.
Друштвото оствари позитивен резултат, односно добивка од 411.614 илјади денари, додека вкупната сеопфатна добивка изнесува 127.137 илјади денари. Таа е помала од добивката пред сè поради евидентирана нереализирана загуба од намалување на пазарната вредност на портфолиото акции што друштвото го поседува заклучно со 30.09.2026 година.
Споредено со финансискиот план за 2026 година, приходите од продажба се реализирани во рамки на планираните, додека остварената добивка е над планираните износи. Приходите од финансирање се реализирани над планираниот износ.
Во првото полугодие од 2026 година нема промени во сметководствените политики и методите на вреднување на позициите во финансиските извештаи.
Годишното собрание на акционери за 2025 година, одржано на 18.05.2026 година, одлучи за распределба на дивиденда во износ од 135.739.996 денари, односно 49 денари бруто по акција. Исплатата е извршена до 30.09.2026 година за сите акционери кои доставиле трансакциска сметка.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2026 година изнесуваат 63.317 илјади денари. Во истиот период има промени во кредитните обврски на друштвото во делот на користење кредити и редовна отплата на финансискиот лизинг согласно амортизационите планови.
Како очекувања за претстојниот период, од друштвото наведуваат завршување на проектите од областа на градежната инфраструктура кои се во завршна фаза, како и отпочнување на новите добиени проекти за изградба на автопатишта, имајќи ја предвид вкупната економска состојба во државата.