Голманот Овоно се повлече во изолација по трагедијата, Шпанија се прости од Де Мигел

Голманот на Андора, Хесус Овоно, целосно се изолирал во својот дом по трагичниот судир во кој животот го загуби фудбалерот на Тенерифе, Хесус де Мигел. Овоно не сака да контактира со никого, додека се соочува со расистички навреди и закани со смрт, пренесуваат шпанските медиуми.
Според извор близок до голманот, кој за шпанскиот медиум зборувал под услов да остане анонимен поради заканите упатени кон Овоно, состојбата на играчот е крајно тешка. „Овоно е скршен. Тој е затворен во својата куќа, отсечен од светот. Во моментов, тој дури и не знае кој е“, изјавил соговорникот.
Трагедијата се случила на натпревар од втората шпанска лига, кога грубиот старт на Овоно врз противничкиот фудбалер завршил со фатални последици за 31-годишниот Де Мигел. Според судискиот извештај на Мануел Анхел Перез Ернандез, голманот високо ја подигнал ногата и со голема сила го удрил Де Мигел додека топката била во игра. За прекршокот добил црвен картон, а сега му се заканува суспензија до 12 натпревари.
Шпанија денеска се прости од 31-годишниот напаѓач, кој беше погребан во родниот крај во провинцијата Толедо. На последното испраќање на Де Мигел присуствувале неговото семејство, пријателите, соиграчите и бројни познати личности од шпанскиот фудбал. Меѓу нив биле претседателот на Шпанската фудбалска федерација, Рафаел Лузан, селекторот на репрезентацијата, Луис де ла Фуенте, и претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез. Од фудбалерот се простил и Предраг Мијатовиќ.
Претседателот на Здружението на професионални фудбалери на Шпанија, Давид Аганзо, побара прекинување на натпреварувањето и претстојното коло да биде посветено на починатиот фудбалер. „Прекинувањето на натпреварувањето е прашање на здрав разум и хуманост. Ја разбирам економската страна, но денес Хесус нè напушти. Денес го погребуваме. Има доволно време за фудбалот и за натпреварувањето“, изјавил Аганзо.
Истрагата за трагедијата продолжува, додека шпанскиот фудбал се соочува со еден од најтешките моменти во последните години. Случајот дополнително го потресе спортската јавност, која бара одговорност и промени во безбедносните стандарди на теренот.