FinPortal.mk

Големите даночни обврзници полнат над 40 отсто од буџетските приходи, вели Димитриеска-Кочоска

FinPortal.mk  · 
Големите даночни обврзници полнат над 40 отсто од буџетските приходи, вели Димитриеска-Кочоска

Големите даночни обврзници учествуваат со повеќе од 40 отсто во остварените даночни приходи во државата, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на одбележувањето на 20-годишнината од основањето на Дирекцијата за големи даночни обврзници, која работи во рамки на Управата за јавни приходи.

Според министерката, формирањето на оваа дирекција пред две децении претставувало значајна реформа во даночната администрација, со која бил воспоставен специјализиран пристап кон најголемите компании во земјата. Таков пристап, како што посочи таа, овозможува директна и континуирана комуникација со компаниите, подобро разбирање на нивното работење и поефикасно управување со даночните обврски.

„Компаниите кои ги опфаќа се меѓу најзначајните носители на економската активност во земјата, компании кои инвестираат, вработуваат, создаваат додадена вредност и имаат значајно учество во полнењето на Буџетот“, истакна Димитриеска-Кочоска.

Министерката нагласи дека работата на Дирекцијата за големи даночни обврзници има значење не само за Управата за јавни приходи, туку и за целокупната економија. Покрај ефикасната и навремена наплата на јавните приходи и доследната примена на даночните правила, според неа, важно е компаниите да имаат професионален однос, јасна комуникација и предвидливо деловно опкружување.

„Стабилен и предвидлив даночен систем е важен предуслов за компаниите при носењето долгорочни одлуки за инвестиции, нови вработувања, проширување на производството и развој на нивното работење“, рече Димитриеска-Кочоска.

Во рамки на одбележувањето на јубилејот било посочено дека промените во деловното опкружување и забрзаниот технолошки развој бараат и даночната администрација постојано да ги унапредува своите капацитети и начинот на работа со најголемите даночни обврзници.

Одбележувањето на 20 години од основањето на Дирекцијата за големи даночни обврзници се одржа во организација на Управата за јавни приходи, а на настанот беше оценето дека специјализираниот пристап кон големите компании останува еден од столбовите на современата даночна администрација во земјата.