Ѓоковиќ: Патриот сум, го претставувам народот, а не власта
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, кој се наоѓа во Париз каде утре го стартува Мастерс турнирот, пред почетокот на натпреварувањето одговараше на прашања поврзани со неодамнешните парламентарни избори во Србија, наместо на спортски теми. Еден новинар спомена дека престојувал во Србија за време на изборниот период и дека многу луѓе му зборувале за односот на властите кон Ѓоковиќ, како и за критиките упатени кон него. Ѓоковиќ на тоа одговори дека не сака да дебатира, да дискутира или да коментира за она што веќе се случило, нагласувајќи дека минатото си е минато. Тој изрази надеж дека ова означува нов почеток за нашата земја. „Да, јас сум патриот, но секогаш сум го претставувал својот народ – а не владата. Тука постои голема разлика. Затоа, се радувам на овие промени и се надевам дека нашата земја ќе напредува и ќе има добра иднина“, изјави Ѓоковиќ. Тој дополни дека во текот на последните неколку години неколкупати се огласил, а неговата поддршка секогаш била недвосмислена. „Мислам дека повеќето луѓе го знаат тоа и се свесни за мојот став. Ќе застанам тука. Благодарен сум што уживам посебен статус во нашето општество и ми претставува чест што со години добивам толку силна поддршка од народот. Од друга страна, понекогаш се чувствувам како да сум сам, како, на некој начин, да се очекува јас да реагирам. Но, не би се задржувал премногу на тоа“, рече Ѓоковиќ. Српскиот тенисер нема настапувано на турнирот во Париз во претходните две години, а сега ќе се обиде да се избори за место меѓу најдобрите осум тенисери кои ќе бидат дел од завршниот турнир. Во првото коло утре Ѓоковиќ ќе игра против Валентин Вашеро од Монако. Ѓоковиќ против Вашеро има играно само еднаш и тоа минатата година во полуфиналето на турнирот во Шангај, кога загуби со 0:2 во сетови.