Ѓоковиќ испадна од Топ 10, првпат по 24 години без Федерер, Надал и Ѓоковиќ меѓу најдобрите
FinPortal.mk · 15.9.2026 г.
За првпат по речиси 24 години, меѓу десетте најдобри тенисери во светот нема ниту едно од трите имиња што одбележаа цела ера во машкиот тенис — Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер и Рафаел Надал. Падот на Ѓоковиќ на 12. место на најновата АТП-листа стави крај на неверојатна серија што траеше од октомври 2002 година. Ѓоковиќ загуби седум позиции и од петтото падна на 12. место со 2.980 поени, откако на Ју-Ес опен беше елиминиран уште во првото коло од Аргентинецот Маријано Навоне. Со раната елиминација Србинот загуби 790 поени што ги бранеше од минатогодишниот настап во Њујорк. Последен пат АТП Топ 10 изгледал без Федерер, Надал и Ѓоковиќ на 7 октомври 2002 година. Тогаш светски број еден бил Лејтон Хјуит, Карлос Алкараз сè уште не бил роден, а денешниот лидер на светската листа Јаник Синер имал нешто повеќе од една година. Само една недела подоцна, Федерер влегол меѓу најдобрите десет и започнала серијата која денес конечно завршува. Надал му се приклучил во 2005 година, а Ѓоковиќ во 2007 година. Од тој момент па сè до денес, без оглед на повредите, падовите во формата и смената на генерациите, барем еден од тројцата постојано останувал меѓу десетте најдобри тенисери на планетата. Во два долги периода сите тројца истовремено биле во Топ 10. Првиот траел од 2007 до 2016 година, а вториот од 2018 до 2021 година. Вкупно 673 недели Ѓоковиќ, Надал и Федерер истовремено биле дел од тениската елита. Бројките зад нивната доминација се уште поимпресивни. Тројцата освоија вкупно 66 гренслем-титули. Ѓоковиќ има рекордни 24, Надал освои 22, а Федерер ја заврши кариерата со 20. Заедно поминаа и 947 недели како светски број еден: Ѓоковиќ рекордни 428 недели, Федерер 310, а Надал 209. Федерер се повлече од професионалниот тенис, со што ерата на „големата тројка“ доби свој епилог, а падот на Ѓоковиќ надвор од првите десет дополнително ја затвори таа страница во историјата на белиот спорт.