FinPortal.mk

Гиновска: Инспекторатот за животна средина со нови правила и централизација на кадарот

FinPortal.mk  · 
Гиновска: Инспекторатот за животна средина со нови правила и централизација на кадарот

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, изјави дека приоритет во изминатиот период бил создавање професионална, подобро организирана и поефикасна институција, која е присутна на терен и подготвена да реагира кога се прекршува законот. Според неа, резултатите од досегашната работа се мерливи и покажуваат дека кога институцијата е организирана и присутна на терен, резултатите се видливи.

Гиновска посочи дека во 2025 година биле извршени 1.702 инспекциски надзори, донесени 530 решенија, иницирани казни во вредност од 1,46 милиони евра, како и 7 кривични и 32 прекршочни постапки. Во првите четири месеци од 2026 година, како што наведе таа, се извршени уште 521 надзор, донесени 150 решенија, иницирани казни од 417 илјади евра и поведени 7 прекршочни постапки. „Но, бројките не се цел сами за себе“, додава директорката, оценувајќи дека тие покажуваат дека кога институцијата е организирана и присутна на терен, резултатите се видливи. Според Гиновска, ЗНАМ не е само коректор туку креатор на промени.

Како еден од најголемите проблеми, Гиновска го истакна недостигот на инспекциски кадар. Затоа, како што вели, е изготвена стратегија за централизација на инспекцискиот систем, која е прифатена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Со обединување на капацитетите на општинските и државните инспектори, Инспекторатот би добил околу 50 дополнителни професионалци, со што значително ќе се зајакне присуството на терен. Паралелно, како што посочи, се подготвени нови правила и методологија за проценка на ризик, со цел инспекциските контроли да се планираат според реалните ризици, а не според старата практика.

Директорката на Инспекторатот нагласи дека институцијата учествувала и во подготовката на повеќе клучни законски решенија во областа на животната средина, вклучително и за индустриските емисии, климатската акција и просторното планирање, како и во решенијата со кои се предвидуваат построги санкции и воведување на категоријата „екоцид“.

Посебен приоритет, како што вели Гиновска, е ставен на контролата на квалитетот на воздухот. Во грејните сезони се засилени контролите, вклучително и во вечерните часови и за време на викендите, особено кај инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола. При надминување на прагот на алармирање за аерозагадување се спроведуваат вонредни надзори низ целата држава, а Инспекторатот учествувал и во подготовката на Планот за чист воздух 2024–2030.

Паралелно, како што додава таа, се зајакнува меѓуинституционалната соработка со МВР, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Национални шуми и други институции, бидејќи заштитата на животната средина, како што оценува, бара заедничко делување на сите надлежни органи.