Гатузо со солзи во очите: Поразот од Босна и Херцеговина е рана што ќе остане цел живот
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Тренерот на Лацио, Џенаро Гатузо, со голема емоција се наврати на еден од најболните моменти во својата кариера – поразот на Италија од Босна и Херцеговина, кој ги остави „аѕурите“ без пласман на Светското првенство. Говорејќи на фестивалот во Тренто, Гатузо откри дека последиците од тој натпревар биле многу потешки отколку што јавноста можела да претпостави. Италијанскиот стратег призна дека долго време не можел ниту да ги гледа најважните моменти од мечот. „На почетокот тешко заспивав. Со часови шетав навечер само за да се изморам и да успеам да заспијам. Поразот од БиХ е рана што ќе остане цел живот“, изјави Гатузо пред присутните во Тренто. Поранешниот италијански репрезентативец потенцираше дека во фудбалот често одлучуваат најситните детали, нешто што самиот го почувствувал во текот на својата богата играчка кариера. Тој воедно изрази благодарност до фудбалерите и раководството на Фудбалската федерација на Италија за максималниот ангажман, без оглед на конечниот исход. Гатузо се осврна и на црвениот картон на Алесандро Бастони, нагласувајќи дека таквите ситуации се составен дел од фудбалот и дека нема причина да му се замерува на дефанзивецот. Она што особено го погодува Гатузо е фактот што во јавноста целиот труд и случувањата на теренот често се вреднуваат единствено преку конечниот резултат. Сепак, тој денес сака да гледа напред. Гатузо порача дека не планира повеќе да се навраќа на минатото и дека целосно е насочен кон новите предизвици со Лацио.