ФЗО и словенечкиот Завод за здравствено осигурување бараат заеднички решенија за лековите и лекувањето во странство

Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, м-р Златко Перински, учествува на првата заедничка конференција на јавните заводи и фондови за здравствено осигурување од земјите од поранешна Југославија, која се одржува во Љубљана во организација на Заводот за здравствено осигурување на Словенија. Настанот, како што беше соопштено, претставува значаен чекор кон посилно регионално поврзување на институциите што управуваат со задолжителното здравствено осигурување и отвора простор за размена на конкретни искуства и решенија за прашања што директно влијаат врз осигурениците.
Во фокусот на разговорите во Љубљана се поефикасното управување со средствата од здравственото осигурување, обезбедувањето поповолни цени за лекови и медицински помагала, како и унапредувањето на механизмите за контрола и откривање неправилности при наплатата на здравствените услуги. Според соопштението, посебно внимание е посветено и на можностите за посилно меѓународно поврзување на фондовите и заводите за здравствено осигурување преку AIM – Меѓународната асоцијација на здравствени организации, со цел размена на добри практики и заедничко справување со предизвиците со кои се соочуваат системите на здравствено осигурување.
На билатералната средба меѓу претставниците на ФЗО и словенечкиот Завод посебно беше отворено и прашањето за македонските студенти кои студираат во Словенија. Се разговараше за можностите за унапредување на нивната здравствена заштита и обезбедување дополнителни здравствени услуги за време на студискиот престој, во рамки на соработката меѓу двете институции.
Како следен конкретен чекор, до крајот на 2026 година се планира средба на претставници на ФЗО и Заводот за здравствено осигурување на Словенија, на која треба да се работи на усогласување на двојазичниот образец за упатување на лекување. Истовремено, ќе биде разгледана и можноста за склучување договор или меморандум за соработка во областа на упатувањето на осигурени лица на лекување меѓу двете држави.
Со ваков акт би се прецизирале процедурите, постапките и начинот на реализација на упатувањето на лекување, со цел правата на осигурениците да се остваруваат поефикасно, а институционалната соработка меѓу ФЗО и словенечкиот Завод дополнително да се унапреди. За Фондот, како што беше наведено, регионалната и меѓународната соработка има практична вредност тогаш кога размената на искуства се претвора во подобри решенија за осигурениците.