FinPortal.mk

Фудбалот како алатка за инклузија: Деца со типичен и атипичен развој заедно на теренот во Скопје

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Фудбалот како алатка за инклузија: Деца со типичен и атипичен развој заедно на теренот во Скопје

Фудбалот како универзален јазик на пријателството, соработката и инклузијата беше во центарот на настанот „Допри го голот – Фудбал за секое дете“, реализиран од Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ од Скопје, со поддршка на Фудбалската федерација на Македонија и УЕФА Фондацијата за деца. На настанот учествуваа ученици со типичен и атипичен развој од седум училишта од Скопје, Куманово и Кратово, кои преку заеднички фудбалски активности испратија силна порака за важноста на инклузијата, врсничката поддршка, тимскиот дух и еднаквите можности за секое дете.

Во ревијалните фудбалски активности учествуваа ученици од ООУ „Живко Брајковски“ од Бутел, ООУ „Кочо Рацин“ од Петровец, ООУ „Кочо Рацин“ од Кратово, ООУ „Имри Елези“ од Чаир, ООУ „Васил Главинов“ од Чаир, ООУ „Киро Глигоров“ од Центар и ОУРЦ „Иднина“ од Скопје. Заедно со нив на теренот беа и наставниците и образовните асистенти, а целта на дружењето беше децата да играат, да се запознаваат, да соработуваат и да градат нови пријателства, потврдувајќи дека на фудбалскиот терен има место за сите.

Директорката на ОУРЦ „Иднина“, Лорета Андреевска, истакна дека главната цел на проектот е да им овозможи на децата заедно да играат, да се запознаваат, да соработуваат и да градат нови пријателства. „Верувавме дека фудбалот може да биде многу повеќе од спорт. Преку играта децата најприродно учат да се почитуваат, да си помагаат, да се охрабруваат и да бидат дел од тимот. За нас, ова не е само фудбалски натпревар, туку можност да покажеме дека инклузијата не е само нешто за кое зборуваме, туку нешто што заедно го создаваме, преку учество, меѓусебна поддршка и прифаќање“, порача Андреевска.

Таа упати благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и УЕФА Фондацијата за деца за поддршката, како и до сите училишта, наставници, стручни лица и соработници вклучени во реализацијата на проектот. Поддршката за ваквите иницијативи е дел од заложбите на Фудбалската федерација на Македонија за промовирање на социјалната инклузија и создавање можности што ќе му овозможат на секое дете да биде дел од фудбалската игра.

Ирена Бакревска Милошевска, менаџер за социјална одржливост при ФФМ, ја истакна важноста на поддршката и еднаквите можности за сите деца. „Многу сме среќни што денес сме тука заедно со вас, а во исто време горди што Фудбалската федерација на Македонија и УЕФА Фондацијата за деца го поддржаа овој проект, кој на децата им отвора повеќе можности за фудбалска игра, дружење“, изјави Бакревска Милошевска.

Настанот покажа дека фудбалот може да биде многу повеќе од натпревар — тој е простор каде децата со различни потреби и способности учат да се почитуваат, да си помагаат и да бидат дел од тимот. Ваквите иницијативи, поддржани од Фудбалската федерација на Македонија и УЕФА Фондацијата за деца, придонесуваат кон создавање општество во кое инклузијата не е само декларативна цел, туку реалност што се создава преку учество, меѓусебна поддршка и прифаќање на секое дете.