Фрчкоски: Мицкоски прво да го повика Обвинителството во Владата, па потоа Славески во Народната банка

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, на денешната прес-конференција порача дека за скандалот со Алта банка премиерот Христијан Мицкоски прво треба да го повика Обвинителството во својата канцеларија во Владата, а потоа да ги упати кај гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Според Фрчкоски, наместо да го користи Обвинителството како средство за политички притисок врз опозицијата, Мицкоски треба да објасни што се случувало со Алта банка и какви интереси стојат зад нејзиното влегување во Македонија.
„Затоа, кога Христијан Мицкоски го повикува обвинителството, прво нека го повика во својата канцеларија, кај себе во Владата. Потоа може да ги упати и кај Трајко Славески, во Народната банка. Нека кажат што им донесе Вучиќ. Банка за перење пари од криминал и од корупција“, рече Фрчкоски на прес-конференцијата.
Фрчкоски посочи дека токму Мицкоски и Славески ги имале сите информации и податоци за Алта банка, а сепак го овозможиле нејзиниот влез во македонскиот финансиски систем. „Тие ги имале сите податоци на маса, сите информации, и сепак го дозволиле или овозможиле влезот на Алта банка во македонскиот финансиски систем“, рече тој.
Воедно, Фрчкоски нагласи дека доколку Мицкоски веќе го споменува членот 315 од Кривичниот законик и зборува за саботажа и загрозување на уставниот поредок, тогаш треба да знае што значи тоа правно. „Кога Мицкоски зборува за саботажа и загрозување на уставниот поредок по Член 315 од КЗ, правно да му објасниме која е вистината. Законското битие на делото подразбира дејствие кое мора да произлегува од злоупотреба на работното место или обврската што едно лице ја има кон субјектот што се оштетува, со намера да се сруши уставниот поредок“, рече Фрчкоски.
Тој дополни дека СДСМ нема никакви извршни функции во институциите врзани со влезот на Алта банка за да можат да ја саботираат одвнатре. „Ниту нашите јавни прес-конференции кои претставуваат транспарентно политичко дејствување се акт против државата. Бидејќи саботажа произлегува од злоупотреба на работното место или обврската што одредено лице ја има кон субјектот што се оштетува, тогаш повторно доаѓаме до Мицкоски и Славески“, рече Фрчкоски.
Според него, токму премиерот и гувернерот се тие што располагале со целокупната документација и информации за Алта банка, но и покрај тоа дозволиле таа да влезе во македонскиот финансиски систем. Фрчкоски смета дека одговорноста не може да се префрла врз опозицијата, бидејќи таа не управува со институциите што одлучувале за влезот на банката.
Прес-конференцијата на СДСМ доаѓа во момент кога скандалот со Алта банка е една од главните теми во јавноста, а власта и опозицијата разменуваат обвинувања за тоа кој сторил пропусти при одобрувањето на работењето на оваа финансиска институција во земјата.