FinPortal.mk

Фондот на ПИОМ: Од хаос и запуштеност до ред и одговорност во ИКТ-системите

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Фондот на ПИОМ: Од хаос и запуштеност до ред и одговорност во ИКТ-системите

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) соопшти дека изминатите две години, со доаѓањето на новото раководство, во неговите информатичко-комуникациски системи се воведуваат ред, сигурност и одговорно работење, оценувајќи ги констатираните состојби во најновиот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) како уште еден доказ за недомаќинското, неодговорно и занемарено управување со клучните државни институции во периодот до септември 2024 година.

Според соопштението на Фондот, извештајот на ДЗР јасно покажува каква состојба е затечена – години на лоша политика, отсуство на стратегија за сајбер-безбедност и игнорирање на основните безбедносни стандарди, со што директно се доведувала во опасност стабилноста на пензискиот систем. Од Фондот нагласуваат дека новото раководство покажало оти со вистинска политичка волја и професионален пристап работите брзо се менуваат, при што голем дел од констатираните пропусти на ревизијата веќе се надминати уште во текот на самиот ревизорски процес, додека значителен дел од препораките се веќе целосно реализирани или се во напредна фаза на имплементација.

Како што се наведува, за разлика од претходната пракса на занемарување на проблемите, во текот на 2025 и 2026 година реализирани се сериозни инвестиции и активности насочени кон зајакнување на контролите за пристап, подобрување на системите за заштита и зголемување на отпорноста на инфраструктурата, односно зајакнување на безбедноста и модернизација на информатичката инфраструктура. Имплементирани се современи решенија за заштита, вклучително и услуги за откривање и одговор на крајните точки (Endpoint Detection and Response – EDR) и управувано откривање и одговор (Managed Detection and Response – MDR), воспоставено е централизирано следење и анализа на безбедносните настани, а завршени се и активностите за сегментација на информатичката мрежа и дополнително зајакнување на контролите за пристап.

Во 2025 година, во областа на континуитетот на работењето и заштитата на критичните податоци, Фондот воспостави инфраструктура за обновување по катастрофа (Disaster Recovery) на посебна локација надвор од седиштето на Фондот. Истовремено, се спроведуваат редовни процедури за резервно копирање и заштита на податоците, согласно воспоставените политики и процедури за информатичка безбедност. Како дел од мерките преземени по ревизорските препораки, извршени се и надградби на системите, се наведува во соопштението.

Од Фондот на ПИОМ порачуваат дека констатираните состојби од ревизијата не се само слика на минатото, туку и потсетник за важноста на одговорното управување со клучните државни институции, чии информатички системи обработуваат чувствителни податоци на осигурениците. Со воведувањето на современите безбедносни решенија, централизираното следење на настаните и воспоставената инфраструктура за континуитет на работењето, според соопштението, се создаваат услови за стабилно и сигурно функционирање на пензискиот систем во иднина.