Фон дер Лајен потврди: Македонија е добредојдена во ЕУ со својот јазик, култура и идентитет

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски јавно потврди дека местото на Македонија е во Европската Унија, заедно со македонскиот јазик, култура и идентитет. Оваа порака, според заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова – Пановска, е уште една потврда на она што СДСМ го говори веќе извесно време и претставува јасен сигнал дека европскиот пат подразбира целосно признавање на македонскиот национален идентитет.
Каранфилова – Пановска на денешната прес-конференција изјави дека претседателката на Европската комисија пред целата јавност кажала дека местото на Македонија е во Европската Унија. Според неа, пораката на фон дер Лајен го потврдува она што СДСМ го говори од 2022 година — дека Европската Унија е унија на различности и дека европскиот пат подразбира целосно признавање на македонскиот јазик и идентитет. Таа додаде дека фон дер Лајен кажала и дека во Европската Унија нè чекаат со широко отворени раце, заедно со нашиот јазик, нашата култура и нашиот идентитет.
Заменик-претседателката на СДСМ потсети дека пристапните преговори биле отворени во 2022 година, а скрининг-процесот бил заокружен во 2023 година, за време на Владата предводена од СДСМ. Таа оцени дека тогаш бил направен сериозен исчекор во евроинтеграцискиот процес, но дека потоа дошло до застој поради, како што рече, политиката на ВМРО и Мицкоски.
Каранфилова – Пановска потсети дека ВМРО и Мицкоски ширеле хистерија за наводно предавство и ветувале враќање на името, раскинување на Преспанскиот договор и подобри преговарачки позиции. „Нè викаа нас предавници. Велеа дека ќе го вратат името. Ветуваа дека ќе го раскинат Преспанскиот договор, ветуваа дека ќе обезбедат подобри преговарачки позиции. И што се случи? Дојдоа на власт. По доаѓањето на власт, Преспанскиот договор за нив стана ремек-дело на дипломатијата. Ветувањата за подобри преговарачки позиции се претворија во блокиран европски процес“, рече таа.
Таа додаде дека одолговлекувањето ја влошува позицијата на Македонија. „Наместо исчекор во преговорите со Европската Унија, Мицкоски доби упатување кон билатерални разговори со Бугарија. Наместо европеизација добивме билатеризација. Колку се повеќе го одолговлекуваме процесот, позицијата на Македонија ќе се влошува. И тоа денеска се случи“, рече Каранфилова – Пановска.
Според неа, додека другите земји кандидати напредуваат и отвораат кластери, Македонија останува без патоказ. „Македонија, за жал, после 30 години сериозна стратешка определба, битки и жртви на патот за Европската Унија, ќе остане без патоказ. Блокадата има последици за иднината на државата: младите и бизнисите заминуваат, а граѓаните остануваат посиромашни“, рече заменик-претседателката на СДСМ.
Таа оцени дека ваквиот развој на настаните е директна последица од политиката на актуелната власт, која, како што рече, ги разби очекувањата на граѓаните за брз напредок кон Европската Унија. Според неа, ветувањата за подобри преговарачки позиции не само што не се исполниле, туку довеле до дополнително блокирање на европскиот процес и до губење на веќе постигнатиот напредок.
Каранфилова – Пановска нагласи дека европската перспектива на Македонија не смее да биде заложник на дневнополитички интереси и дека е потребна јасна стратегија и одговорност за да се врати довербата на граѓаните и да се забрза патот кон Брисел. Таа повтори дека СДСМ останува посветена на европските вредности и на целосно признавање на македонскиот јазик и идентитет во рамките на Европската Унија.