FinPortal.mk

Фон дер Лајен: Европа е со Полска во жалост и солидарност по нападот во Краков

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Фон дер Лајен: Европа е со Полска во жалост и солидарност по нападот во Краков

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска изрази жалење и неверување по нападот во Краков, наведувајќи дека знамињата на Европската Унија се спуштени на половина копје во знак на сеќавање на жртвите и оддавање почит на припадниците на службите за вонредни ситуации кои реагираа за време на нападот.

„Тие го претставуваат европското единство и солидарност. Посилни од омразата. Посилни од екстремизмот“, наведе Фон дер Лајен на платформата X. Таа во друга објава напиша дека нејзините мисли и срце се со жртвите, нивните семејства и сите жители на Краков.

„Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. Им се заблагодарувам на херојските полицајци кои ги ризикуваа своите животи за да реагираат. Европа е со Полска во жалост и солидарност“, истакна претседателката на Европската комисија.

Полска денеска почна дводневна национална жалост поради вчерашното убиство на шест лица во пукање во Краков, за која полската влада соопшти дека веројатно била инспирирана од крајно десничарска идеологија, додека полицијата ги засили мерките за безбедност.

Според полициски наоди, извршителот на нападот во Краков е полски државјанин и жител на Островјец Свјентокшиски, кој имал дозвола за огнено оружје и немал криминално досие. Како што пренесува полската агенција ПАП, полицијата во неговиот автомобил пронашла голем број парчиња огнено оружје и муниција.

Во пукањето на главниот плоштад во Краков напаѓачот од возило во движење уби шест лица, а уште три тела беа пронајдени во неговата куќа, за кои се сомнева дека се неговите родители и сестрата. Нападот предизвика силна реакција од европските институции, а солидарноста со Полска ја изрази и претседателката на Европската комисија, која порача дека Европа стои обединета против омразата и екстремизмот.