Фон дер Лајен бара дијалог со Софија, а од Скопје уставни измени — нееднакви обврски во истиот процес

Додека од Македонија се бара конкретен политички и уставен акт за да се отвори првиот кластер во преговорите со Европската Унија, од бугарската страна, барем јавно, се бара само дијалог, добра волја, средби и надминување на разликите. Оваа асиметрија во обврските беше во центарот на вниманието по вчерашната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која повтори дека клучниот чекор за движење кон отворањето на првиот кластер е поврзан со уставните измени.
Фон дер Лајен јасно порача дека ниту еден политички спор не може да се реши без разговор, и во тој дел нејзината порака е неспорна. Но, како што се нагласува, дијалогот сам по себе не претставува политичко решение, особено не ако предметот на спорот постојано може да се проширува, за што постојат сериозни најави од Софија. Суштинската дилема за Македонија одамна не е дали треба да разговара со Бугарија, туку што ќе се случи ако Македонија го исполни сегашниот услов, а потоа од Софија пристигне нов. Токму на тоа прашање, како што беше оценето, вчерашната посета не даде доволно јасен одговор.
Од македонска страна обврската е исклучително конкретна. Фон дер Лајен повтори дека за движење кон отворањето на првиот кластер е потребен клучниот чекор поврзан со уставните измени. Но кога станува збор за она што треба да го направи другата страна, речникот станува многу понеопределен — дијалог, добра волја, средби, разговори, надминување на разликите. Тука постои видлива асиметрија: од Скопје се бара конкретен политички и уставен акт, додека од Софија, барем јавно, се бара да разговара. Тоа не се обврски со иста политичка тежина.
Се поставува прашањето каде е европската гаранција. На Македонија веќе не ѝ е доволна само декларативната порака дека нејзиното место е во Европската Унија, порака што се слуша со години. И изјавата на Фон дер Лајен дека македонскиот јазик, идентитет и култура имаат место во европското семејство несомнено има политичко значење. Но и тука треба да се биде прецизен: политичката изјава за почитување на идентитетот не е исто што и институционален механизам што ќе спречи идни блокади.
Токму затоа од Европската комисија сега треба да се очекува нешто повеќе. Ако Брисел бара од Македонија одлука со долгорочни политички последици, тогаш не е неразумно Македонија да бара јасен одговор на неколку прашања. Прво, што точно се затвора со уставните измени и што точно следува веднаш потоа. Второ, дали отворањето на кластерот „Основи“ ќе биде извесно или повторно ќе зависи од нови политички барања и условувања од бугарска страна. И најважно, каква одговорност презема самата Европска Унија ако договореното повторно се претвори во подвижна цел.
Без одговор на овие прашања, формулацијата „продолжете со дијалог“ звучи бенигно, стереотипно и студено бирократски — како формула што може да се употреби за секој спор, но не и како сериозен европски одговор на конкретен проблем што со години ја држи Македонија во место. Останува отворено и прашањето каде останаа и дали воопшто се практикуваат европските принципи во случајот со Бугарија.
Посетата на претседателката на Европската комисија, наместо да донесе решителен чекор напред, ја остави Македонија со истите отворени дилеми: конкретна обврска од Скопје, неопределен повик за разговор кон Софија и неизвесна европска гаранција дека процесот нема повторно да запре.